ПОВЕЌЕ

    Голем турски производител доаѓа во Тетово – инвестиција од 20 милиони евра и 412 работни места

    Време зa читање: 2 минути

    Во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово ќе се реализира нова странска инвестиција вредна околу 20 милиони евра. Компанијата Џаво Аутомотив, глобален производител на компоненти за автомобилската индустрија со повеќе од четири децении искуство, планира да отвори производствен капацитет во кој ќе бидат вработени до 412 лица.

    Според премиерот Христијан Мицкоски, тетовската фабрика ќе произведува автомобилски компоненти за светски познати брендови, а кога производството ќе достигне полн капацитет, годишниот извоз се очекува да изнесува околу 45 милиони евра.

    „Ова е уште една потврда дека довербата во македонската економија расте, дека инвеститорите ја препознаваат стабилноста и дека државата повторно станува атрактивна дестинација за нови вложувања“, истакна Мицкоски.

    Тој оцени дека новата инвестиција е доказ за активностите насочени кон привлекување странски капитал и отворање нови работни места.

    „Не ветуваме фабрики – отвораме фабрики. Не ветуваме работни места – создаваме работни места. Не зборуваме за развој – го реализираме“, порача премиерот.

    Инвестицијата ќе биде реализирана во ТИРЗ Тетово, зона која во минатото беше поврзувана со проектот за производство на електрични автомобили Некст е.Го мобиле“. Тој проект, и покрај најавената инвестиција од 130 милиони евра и 900 работни места, не беше реализиран откако германската матична компанија влезе во постапка за несолвентност.

    Компанијата „Џаво Аутомотив“ (Cavo Otomotiv) е основана во 1984 година во Турција и денес важи за еден од значајните регионални добавувачи во автомобилската индустрија. Станува збор за мултинационална компанија со седиште во Кочаели, која произведува безбедносни системи, механизми и кабелски системи за управување и контрола на возила.

    Со повеќе од четири децении искуство, компанијата е присутна и на европскиот и северноамериканскиот пазар преку производствени и инженерски капацитети во Германија, Словачка и Канада, а своите производи ги испорачува на повеќе глобални автомобилски брендови.

    Со доаѓањето на Џаво Аутомотив, Тетово ќе добие нов производствен капацитет во автомобилската индустрија, со јасна извозна ориентација и потенцијал за вклучување во европските синџири на снабдување. Инвестицијата се оценува како дел од поширокиот тренд на зголемување на странскиот капитал во технолошко-индустриските зони во земјата.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично