ПОВЕЌЕ

    ФАКОМ ПРЕД СТЕЧАЈ: Со загуби, долгови и блокирана сметка – судот ја испитува платежната способност

    Време зa читање: 3 минути

    Една од најстарите металопреработувачки компании во земјава, ФАКОМ АД Скопје, е чекор поблиску до стечај. Компанијата преку Македонската берза извести дека против неа е поведена претходна постапка за испитување на условите за отворање стечајна постапка, што веќе е објавено и во „Службен весник“.

    Во известувањето се наведува:

    „Известуваме дека против АД Факом увоз-извоз Скопје е поведена претходна постапка за испитување на условите за отворање стечајна постапка, којашто е објавена во Службен весник на РСМ бр.155 од 13.07.2026 година“.

    Според достапните податоци на Бизнис Мрежа, банкарската сметка на компанијата е блокирана, а има и ненамирени обврски кон Управата за јавни приходи.

    Минатата година Факом остварил приходи од 6,2 милиони евра. За само 6,9 насто повеќе отколку во 2024 година, но и натаму далеку под нивото од 2022 со 19,6 милиони евра и од 2023 година со 17,9 милиони евра.

    И покрај благо подобрените приходи, компанијата и лани работела со загуба од 2,1 милион евра. Пониска за 34,33 отсто минусот забележан во 2024 година, од 3,2 милиони евра. За две години акумулирана е загуба од над 5,3 милиони евра.

    Во годините пред тоа Факом остварувал ниска добивка која постојано се топела – 14,8 илјади евра во 2021 година, 4 илјади во 2022 и 1,1 илјада евра во 2023 година.

    Истовремени опаѓал и бројот на вработените. Од 554 работници во 2021 година, Факом лани останал со само 196 вработени, што претставува пад од речиси 65 отсто за четири години.

    Паралелно со тоа, задолженоста нагло се зголемила, за шестпати повеќе отколку една година претходно. Поточно, обврските по кредити и заеми минатата година нараснале за 497,67 насто и достигнале 4,8 милиони евра.

    Факом е во редот на индустриски претпријатија со долгогодишна традиција. Основан е во 1960 година за потребите на тогашната Железарница „Скопје“, а подоцна се развива во регионално позната компанија за проектирање, производство и монтажа на челични конструкции и индустриска опрема. Во минатото реализирал проекти во повеќе земји, меѓу кои Ирак, СССР, Виетнам, Либан, Камерун, а активен бил и низ Европа.

    Компанијата е со задолжителна котација на Македонската берза, но со нејзините акции (издадени се 67 илјади), практично не се тргува – во последните 52 недели не е регистрирана ниту една трансакција.

    Факом е под контрола на бизнисменот Минчо Јорданов, преку мнозинскиот акционер Repro One Limited, кој поседува 97,23 отсто од акциите. Јорданов е и претседател на Надзорниот одбор на компанијата.

    На веб-страницата на компанијата сè уште стои дека Факом „успеа да ги преброди сите критични моменти“ – од распадот на Југославија, преку грчкото ембарго и регионалните кризи, до трансформацијата во пазарно ориентирана компанија. Сега, првпат по повеќе од шест децении постоење, иднината на компанијата ќе зависи од исходот во судот. Доколку утврди дека се исполнети законските услови, по завршувањето на претходната постапка може да биде отворена и формална стечајна постапка.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично