ПОВЕЌЕ

    Етно-комплексот ги отвори портите: „Ла Тераца“ го оживува Македонско село

    Време зa читање: 5 минути

    Повторно се отворени вратите на Македонско село. Автентичноста на етно-комплексот загубена во претходните седум години ќе ја врати концесионерот „Ла Тераца“, со што ова туристичко место одново ќе се најде на мапата за посета од страна на домашните и странски гости. Ќе стане центар на културата, на автентичната архитектура и на македонска традиција.

    „За мене претставува задоволство што уште еден заборавен, запуштен и би рекол полу уништен објект се става во функција. Благодарност до инвеститорите, до концесионерите, коишто се охрабрија да инвестираат и да понудат, и на Скопје и на сите оние кои ќе го посетуваат Скопје, уште едно туристичко, алтернативно, ултра квалитетно место“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

    Освен што што упати повик да се посети Македонско село, тој укажа дека во наредниот период треба да се обнови сѐ што било уништено во времето додека комплексот беше затворен.

    „Во периодот што следи, да се погрижиме сето она коешто, за жал, изминативе седум години беше заборавено, уништено, девастирано, полека но сигурно го обновуваме и повторно му го враќаме сјајот и го ставаме во функција, едно по едно, во зависност од приоритетите и можностите. Ова е многу важно. Туризмот бележи вонредни резултати. Кај странските гости имаме посебно голем раст, повеќе од 20 проценти споредено со истиот период од минатата година. Очекуваме тој тренд да продолжи и да се зголемува“, рече Мицкоски.

    Македонско село е од голема важност за и за главниот град и за нашиот идентитет, смета директорот на владината Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски:

    „Комплексот е многу значаен за Градот Скопје. Еден од аспектите е дека ова е всушност идентитетот на културата, на нас Македонците, на државата, бидејќи има 12 куќарки коишто имаат сопствена архитектура, која ја прераскажува нашата многувековна историја. Со отворањето на портите на овој комплекс ќе се овозможи дополнителна туристичка дестинација, за зголемен број на туристи, зголемен број на работни места“.

    Сепак, и покрај важноста на туристичкото место, засега посетителите на етно-комплексот ќе мора да доаѓаат со авотомобили или со организиран превоз. Автобуска линија има, но автобусот ретко сообраќа.

    „Автобуски превоз има, но многу е редок. Се надевам дека со доаѓање на нов градоначалник на Скопје ќе има поредовни линии, а со сегашниот градоначалник немаме баш некое разбирање за сѐ што значи држава и државност“, посочи Томовски.

    Во наредните 15 години Македонско село е во надлежност и грижа на концесионерот „Ла тераца“, познато име во кафеанско-хотелиерскиот бизнис. На државата ќе и плаќа месечен надомест од 3.500 евра, но од септември, бидејќи презеде обврска целосно да возобнови запуштен објект.

    Пари веќе пишуваше за новиот концесионер ХСХ Груп ДОО Скопје, кој има две подружници – локал на скопскиот Плоштад „Македонија“ и хотел во Дојран. Друштвото за производство, угостителство, трговија и услуги е формирано во 2012 година. Работата, гледано од 2020 наваму, одела добро сѐ до лани. Приходите кои биле во постојан раст во 2024 година опаднале, но повеќе од намалувањето на расходите, така што тоа се одразило кај добивката. Податоците користени од Бизнис Мрежа покажуваат дека во текот на минатата година фирмата имала приливи од 16.893.178 денари (274,7 илјади евра), за 18,73 проценти помалку во споредба со 2023 година. Како и во претходниот период, и лани е забележано намалување на трошоците, за 15,16 отсто, а изнесувале 15.297.446 денари (248,7 илјади евра). Оттаму и падот кај нето-добивката за 37,28 проценти. Од 2.402.064 денари (39 илјади евра) преклани, на 1.506.670 денари (24,5 илјади евра лани).

    Паралелно со тоа, во 2024 година има и намалување кај бројот на вработените. Односно за извршување на ланските активности биле доволни 14 лица, иако пред тоа биле ангажирани 23 (во 2022 и 2023). Најмногу вработени – 24, имало во 2021 година.

    Сепак, падот кај персоналот за 39,13 проценти се рефлектирал кај просечната плата. Зголемена е за 40,38 насто, од 16.775 на 23.548 денари.

    Првиот концесионер на Македонско село беше „Тинекс“, кој исто така плаќаше месечна кирија од 3.500 евра. Тогаш беа ангажирани 50 лица, иако се очекуваше дека ќе се пополнат околу 70 работни места. Во 2018 година, согласно одлуката на тогашниот менаџмент кој се соочи со нерентабилност и загуби, комплексот беше затворен.

    Етно-комплексот се состои од 12 тематски куќи, а секоја претставува по еден град од Македонија – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично