ПОВЕЌЕ

    Есенската кошница на почек: Освен на граѓаните, Владата мора да им удоволи и на производителите и на трговците

    Време зa читање: 3 минути

    Замрзнувањето на цените и ограничувањето на маржите најверојатно утре нема да бидат дел од дневниот ред на владината седница. Како што најави премиерот Христијан Мицкоси, тоа можеби ќе се случи една недела подоцна или „ако е потребно, додека се усогласат ставовите“. Смета дека треба да им се помогне на граѓаните, но во случајот, мора да биде Задоволна и другата страна, претставувана од производителите и трговците. Исто така, неизвесен е и стартот на Законот за нефер трговските практики.

    „Производителите, трговците и Владата ќе разговараат за да се најде најдобриот начин да им се помогне на граѓаните, но и да биде задоволна и другата страна во однос на намалувањето на цените на прехранбените продукти“, изјави Мицкоски.

    Како што вели, ништо не треба да се прави на сила.

    „Не сакаме на сила ништо да правиме. Стојам позади тоа што сум го кажал, но некогаш имате моменти кога гледате како поединци реагираат како монопол, дуопол и вие тогаш ќе мора да интервенирате офанзивно, ова како што ние го правиме. Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните практики ги диктираат цените, таму ние не интервенираме, но има услови кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните, бидејќи не може некој непристојно да се богати на грбот на граѓаните“, наведе премиерот, укажувајќи дека мерката нема да е задоцнета.

    Воедно додаде дека е за тоа пазарната економија да ги диктира цените, но „има поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција и тука мораме ние како влада да интервенираме“.

    За практичната примена на Законот за нефер трговски практики разговарал со претседателот на Стопанската комора и побарал да се изјаснат.

    „Нека ни кажат, бидејќи добиваме различни писма, што да направиме. Дали како Влада да останеме на ставот за примена на Законот за нефер трговски пракси или да го одложиме“, посочи Мицкоски.

    Есенската кошница што ќе се стави на почек, требаше да ги регулира цените на стотина прехранбени намирници – млеко и млечни прозводи, брашно, грав, ориз, месо, овошје, зеленчук… Министерството за економија, од каде потекнува предлогот, требаше по пат на симулација да одреди на кој начин ќе се стават цените под контрола, со ставање под мраз или со ограничување на маржите. Резултатите, според минатонеделните најави од министерот Бесар Дурмиши, утре ќе се разгледуваа на владина седница, по што ќе се донесеше и соодветна одлука.

    Сепак, голема е можноста таа активност да се одложи за некое време.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично