ПОВЕЌЕ

    Енергетската кризата потрошила 400 милиони евра, затоа Владата бара странски инвеститори

    Време зa читање: 3 минути

    За новите енергетски производствени капацитети се бараат странски стратешки инвеститори затоа што 400 милиони евра отидоа за субвенционирање на цената на електричната енергија за граѓаните и за стопанството. ЕСМ во овие три-четири години, за време на енергетската криза, имаше предизвик да ја снабдува земјата со електрична енергија. За тоа се потрошија парите што евентуално би се инвестирале во нови енергетски капацитети, информираше вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на средбата со новинарите.

    Законот за стратешки инвестиции беше изгласан пред пет години, потсети Битиќи, а на последниот повик кој заврши на 31 јануари лани имаше над 16 различни апликации, од кои осум добиле статус на стратешки инвеститор. Во принцип тоа не значи ништо, односно само дека со нив се влегува во фаза на преговори. Седум од нив се од областа на енергетиката, а еден од областа на туризмот, кој е заинтересиран за инвестиции на скијачкиот центар Попова Шапка.

    Преговорите се завршени со четири интересенти, сите во делот на енергетиката. Па, утре на собраниска седница треба да се разгледаат предлог законските решенија за добивање статус стратешки инвеститор. Тие веќе доставиле банкарска гаранција и бизнис планови, според кои вкупно ќе инвестираат 786 милиони евра.

    „Со нивната реализација државата ќе добие енергетска независност заради долгорочната предвидливост за цените на електричната енергија по која ќе им се откупува производството што ќе ја има со договорите за нивна реализација. Договорено е целата произведена струја од фотонапонскиот парк ‘Стипион’ со инсталиран капацитет од 400 мегавати и предвидена инвестиција од 270 милиони евра, во следните 30 години да ја откупува ЕСМ по гарантирана цена од 56 евра за мегават час, а балансирањето да оди на заеднички товар на АКУМА и ЕСМ 50 спрема 50 отсто. На таа цена ќе може да се додаде и годишна инфлација од максимум два насто, но согласно инфлацијата во еврозоната“, вели Битиќи.

    Што се однесува до гасната когенеративна електрана што ќе се гради во Скопје, планираната инвестиција на „Митилинеос“ е 290 милиони евра. Ќе се гради на државно земјиште во скопската железарница, за што е потребно да се направи индустриска зона. Договорена е формула за пресметка на цената на електричната енергија што ќе се откупува во наредните 20 години, со која ќе биде најмалку за пет отсто пониска од пазарната. Капацитетот треба да има инсталирана моќност од 165 мегавати и годишно производство од 1.100 мегават часови електрична енергија и ќе биде добра за балансирање на системот. Топлинската енергија што ќе ја произведува ќе и ја продава на државата, 40 отсто поевтино од пазарната цена. За државното земјиште ќе дава закуп од 0,1 евро по квадратен метар и две евра годишно по квадратен метар за одржување. По реализираната инвестиција ќе добие 50 милиони евра државна помош распоредена во рати, во период од пет години. Потребно е да се изгради само еден километар цевковод за да се спои со постојниот топловоден систем во Скопје.

    Откако ќе заврши државниот закуп на земјиштето стратешките инвеститори ќе треба објектите да и ги отстапат на државата за едно евро по квадратен метар.

    Инаку, Здружението на инженери вчера достави допис и упати е-порака до секој пратени, со барање да не ја дадат својата поддршка на четирите штетни предлог закони, затоа што нивната реализација сериозно ќе го наруши енергетскиот суверенитет на државата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично