ПОВЕЌЕ

    ЕК за Македонија: Економијата расте на потрошувачка, кредити и државна поддршка – продуктивноста заостанува

    Време зa читање: 7 минути

    Македонската економија расте, банките се стабилни, невработеноста се намалува, а инвестициите и потрошувачката ја одржуваат економската активност. Но, растот не се темели доволно на продуктивноста, нотирано е во извештајот на Европската комисија, објавен денес.

    Европската комисија оценува дека земјата има добро ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија, но во изминатиот период е постигнат само „ограничен напредок“.

    Реалниот БДП во 2025 година пораснал за 3,5 проценти, поттикнат од инвестициите и приватната потрошувачка. Во првата половина од 2026 година растот во просек изнесува 3,3 проценти.

    Притоа, во извештајот се наведува дека растот е „главно поттикнат од потрошувачката, кредитната експанзија и побарувачката поддржана од државата“, а не од зголемување на продуктивноста. Според Комисијата, тоа отвора прашања за одржливоста на економскиот раст.

    Раст базиран на плати, пензии, кредити и државни пари

    Приватната потрошувачка е поддржана од силниот раст на платите и пензиите, како и од забрзаното кредитирање. Истовремено, јавната потрошувачка се зголемила главно поради повисоките плати во јавниот сектор.

    Инвестициите, пак, биле поттикнати и од државно субвенционираните кредити за компаниите, додека градежништвото имало силен придонес поради забрзувањето на јавните инфраструктурни работи.

    Од друга страна, нето-извозот негативно влијаел врз растот, бидејќи слабата надворешна побарувачка продолжила да го ограничува извозот.

    И покрај растот, приближувањето кон животниот стандард на Европската Унија оди бавно. БДП по жител според куповната моќ се зголемил од 40 проценти од просекот на ЕУ во 2017 година на 43 проценти во 2025 година.

    Инфлација стимулирана од домашната економија

    Европската комисија посочува и на повторното зајакнување на инфлацијата. Просечната годишна инфлација се зголемила од 3,5 проценти во 2024 на 4,1 проценти во 2025 година.

    По извесното смирување во втората половина од 2025 година, ценовните притисоци повторно се засилиле од март 2026 година, главно поради растот на цените на храната и енергијата и конфликтот на Блискиот Исток.

    До летото инфлацијата почнала да забавува, но базичната инфлација останала висока. ЕК укажува дека сега значаен дел од инфлацискиот притисок доаѓа од домашната економија – од растот на платите и од сè поекспанзивната фискална политика.

    „Фискалната консолидација е дополнително одложена“ – констатира Европската комисија. Буџетскиот дефицит во 2025 година изнесувал 4 проценти од БДП. Приходите биле пониски од планираните, но тоа било надоместено со значително послаба реализација на капиталните расходи.

    Од ревидираниот план биле реализирани само 64,6 проценти од капиталните инвестиции, односно 2,7 проценти од БДП.

    Во исто време, со ребалансите биле намалени планираните капитални расходи за 6,6 проценти, а тековните расходи биле зголемени за 3 проценти. Причините се дополнителното зголемување на пензиите, повисоките плати во јавниот сектор и новите општински проекти.

    Особено се издвојуваат расходите за пензиите. Според податокот за 2025 година, пензиите веќе чинат 11,8 проценти од БДП. Тоа е за 0,8 процентни поени повеќе од претходната година. За споредба, во 2021 година пензиските расходи изнесувале 9,8 проценти од БДП.

    ЕК забележува дека зголемувањата на пензиите во септември 2025 и март 2026 година биле направени ад хок, наместо преку редовниот механизам на индексација.

    Истовремено, Владата го одложила исполнувањето на фискалното правило според кое дефицитот треба да биде ограничен на 3 проценти од БДП – од 2027 на 2028 година.

    Со јулскиот ребаланс за 2026 година, планираниот дефицит е зголемен од 3,5 на 4,1 проценти од БДП.

    Долгот е многу над нивото пред Ковид-пандемијата, забележано е во извештајот. Државниот долг на крајот од 2025 година изнесувал 51,6 проценти од БДП, а јавниот долг бил 59,4 проценти од БДП. И двата показатели се намалени во однос на претходната година, но ЕК нагласува дека и натаму се значително повисоки од нивото пред Ковид-кризата.

    До првиот квартал од 2026 година јавниот долг дополнително се намалил на 58,8 проценти од проектираниот БДП.

    Комисијата е особено критична кон комбинацијата на фискалната и монетарната политика. Додека Народната банка водела претпазлива политика во услови на силен кредитен раст и висока ликвидност, фискалната политика, според ЕК, дополнително ги зголемувала инфлациските притисоци преку растот на платите и пензиите и одложувањето на фискалната консолидација.

    Сивата економија зафаќа 38 проценти од БДП, односно долгогодишните проблеми во деловното опкружување, според ЕК, остануваат нерешени.

    Според проценките наведени во извештајот, неформалната економија изнесува околу 38 проценти од БДП. Неформалната вработеност во вториот квартал од 2026 година изнесувала 14,5 проценти од вкупната вработеност, што е дури и благо зголемување во однос на претходната година.

    Спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план за формализирање на неформалната економија е сериозно задоцнето.

    Две третини од тендерите со само еден понудувач е забелешката што се однесува на јавните набавки. ЕК наведува дека конкуренцијата е слаба и дека две третини од тендерите се доделуваат во постапки со само еден понудувач, што отвора загриженост за фаворизирање и неефикасност.

    Комисијата забележува и дека државната помош останува обемна и нетранспарентна, додека Комисијата за заштита на конкуренцијата нема доволно овластувања и ресурси за соодветно регулирање на субвенциите.

    ЕК се осврнува и на владините ограничувања на цените на храната, наведувајќи дека тие покажале слабости во спроведувањето од страна на Пазарниот инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата, а немале голем ефект врз инфлацијата.

    ЕСМ посебно издвоена како фискален ризик – Во 2025 година државата целосно поседувала 14 компании, а удел имала и во други 38. Иако вредноста на државната сопственост во компаниите е намалена од 7,7 проценти од БДП во 2024 на 5,8 проценти во 2025 година, ЕК предупредува дека таа е концентрирана во клучни сектори, особено енергетиката и транспортот.

    Комисијата предупредува на слабото управување и транспарентноста кај дел од државните компании и на потенцијалните фискални ризици што ги создаваат.

    Како посебен проблем се издвојува ЕСМ, бидејќи, според извештајот, тарифите на регулираниот пазар се под нивото потребно за покривање на трошоците и се субвенционирани од државата.

    Банките стабилни, но ризици има – Банките се отпорни, капитализирани и профитабилни, оценува ЕК. Адекватноста на капиталот на крајот од првиот квартал на 2026 година изнесувала 19,1 процент, приносот на активата бил околу 2 проценти, а нефункционалните кредити паднале на историски ниските 1,9 проценти.

    Но, кредитирањето забрзува. Кредитите кон приватниот сектор пораснале за 12,8 проценти на крајот од 2025 година, а во првите седум месеци од 2026 година просечниот годишен раст достигнал 13,2 проценти.

    ЕК укуажува на силниот раст на станбените кредити и кредитите за градежништво, кои придонеле за остар раст на цените на недвижностите. Ова, во комбинација со високата изложеност на дел од банките кон пазарот на недвижности, според Комисијата, бара засилено супервизорско внимание.

    Невработеноста паѓа, но нема доволно луѓе со потребните вештини – Пазарот на труд продолжува да се подобрува. Стапката на невработеност кај населението од 15 до 64 години паднала од 16,5 проценти пред пет години на 11,7 проценти во 2025 година, а во вториот квартал од 2026 година дополнително се намалила на 11,5 проценти. Стапката на вработеност се зголемила на 59,3 проценти.

    Но, голем структурен проблем е недостигот од работници. ЕК посочува дека иселувањето на квалификуваните работници, ниската активност на населението и несовпаѓањето на вештините со потребите на компаниите создаваат недостиг од работна сила и го ограничуваат економскиот раст. Притоа, невработеноста на младите и натаму е висока – 25 проценти.

    Инвестициите во истражување и иновации изнесувале само 0,38 проценти од БДП. Тоа Европската комисија го оценува како критично ниско ниво.

    Дополнителен проблем е високото образование, кое според извештајот и натаму се потпира на застарени наставни програми и придонесува кон несовпаѓањето меѓу квалификациите на работниците и потребите на компаниите.

    ЕК има забелешки и за новото пролонгирање на клучните инфраструктурни проекти. Иако работите на патните коридори VIII и X се забрзале, нивното завршување сега се очекува во 2029 година, односно две години подоцна од првичниот план. Комисијата предупредува дека одложувањата ја намалуваат регионалната поврзаност и конкурентноста на македонската економија.

    Дигитализацијата и обновливата енергија како светла точка – ЕК оценува дека е постигнат значителен напредок во дигиталната трансформација, а интернет-пристапот во 2025 година достигнал 92 проценти од домаќинствата.

    Зголемено е и учеството на обновливите извори. Зелената енергија сега учествува со 58,22 проценти во вкупниот инсталиран производствен капацитет, наспроти 17 проценти во 2021 година, а во производството на електрична енергија учествува со 46,37 проценти.

    За да се зачувува макроекономската стабилност и за да се подобри конкурентноста, потребни се поверодостојна фискална консолидација, побрзи реформи и многу поголем акцент на инвестициите што ја зголемуваат продуктивноста, препорачува Европската комисија.

    (Фото: Euro Pictures / Wikimedia Commons, CC BY 2.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично