
Искористувањето на обновливите извори, складирањето електрична енергија и посилното регионално поврзување се меѓу главните приоритети за развој на македонскиот енергетски сектор. Овие теми биле во фокусот на средбата меѓу министерката за енергетика, Сања Божиновска, и делегација од Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која престојува во земјава.
Претставниците на ЕБОР позитивно ги оцениле реформските активности на Министерството за создавање стабилен и предвидлив енергетски систем. Според соопштението, тие посочиле дека Македонија во одредени сегменти е понапредна од некои земји во регионот, на кои им е потребно повеќе време за спроведување конкретни енергетски реформи.
На средбата Божиновска ги претставила законските решенија на кои во моментов работи Министерството, како и плановите за модернизација на енергетската инфраструктура и зајакнување на енергетската сигурност.
Посебно внимание било посветено на можностите за складирање на електричната енергија произведена од обновливи извори, што е важно за стабилноста на системот во услови на зголемено производство од сончеви и ветерни електрани. Божиновска истакнала дека интересот кај граѓаните и компаниите за користење обновлива енергија е голем и дека Министерството ќе продолжи со активностите во оваа насока.
Меѓу темите било и регионалното енергетско поврзување. Министерката информирала за напредокот во поврзувањето со Грција и Србија, како и за активностите за воспоставување нови мрежни врски со соседните земји.
На разговорите било отворено и прашањето за сајбер-безбедноста на енергетската инфраструктура, при што била разгледана можноста за соработка со ЕБОР во оваа област.
Во делегацијата на банката биле Рене ван Хел, директор за Холандија, Кина, Северна Македонија, Ерменија и Монголија, Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за земјава, како и други директори од Бордот.
Божиновска ја потврдила посветеноста на партнерството со ЕБОР, како еден од клучните меѓународни партнери во спроведувањето на енергетските реформи и развојот на инфраструктурата.
Аналитика








