ПОВЕЌЕ

    ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ СО ПЛУС 99 МИЛИОНИ ЕВРА – на крајот од декември над 5 милијарди евра

    Време зa читање: 2 минути

    Официјалните девизни резерви го надминаа прагот од пет милијарди евра. На крајот од последниот месец на минатата година достигнаа износ од 5.019 милиони евра. Во споредба со ноември, кога беа на ниво од 4,92 милијарди, повисоки се за 99 милиони евра.

    Најголем дел од девизните резерви, 70,1 процент, се пласирани во хартии од вредност. Во валутите и депозитите се вложени 18,8, а 11 отсто се чуваат во монетарно злато, посочуваат од Народната банка.

    Во изминатите неколку месеци дел од девизните резерви се и унгарските 500 милиони евра, кои наскоро би требало да се распределат за користење меѓу стопанството и општините. Пред да стигнат парите од овој кредит, државата располагаше со 4,4 милијарди евра, што е состојба од ланскиот септември.

    Инаку, по дефиниција, девизните резерви се средства веднаш достапни и расположливи за монетарната власт, во чија надлежност е и контролата врз нив. Служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар. Пред сѐ, за да се влијае врз девизниот курс, како и за други цели. Во суштина, основната функција им е да ја заштитат економијата од негативни надворешни шокови, за редовно сервисирање на надворешниот јавен долг и интервенции на девизниот пазар.

    А, девизната ликвидност ги опфаќа средствата расположливи веднаш на монетарната власт и на централната влада за задоволување на побарувачката за девизи, како и краткорочните обврски и вонбилансни активности, преку планираните и потенцијални нето-одливи на девизи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично