Политичките случувања во земјава и нивните влијанија врз економскиот амбиент, но и заштитата на интересите на бизнис заедницата беа главните теми на средбата која претседателот на државата Стево Пендаровски ја оствари со делегација од Стопанската комора, предводена од претседателот Бранко Азески и со претставници од Асоцијацијата во Стопанската комора ТИМ-40.
Претседателот Пендаровски бил информиран за иницијативата за потпишување Декларација за економски реформи, политики и мерки, поттикната од бавниот реален раст на македонската економија. Кој во периодот од 1993 до 2021 година просечно годишно изнесува само 1,7 насто, информираат од претседателскиот кабинет.
Според претставниците на Комората, во државата има пет приоритетни области, односно нагласиле дека за создавање стабилен и предвидлив економски амбиент неопходно е решавање на сивата економија, корупцијата, гасификацијата, решавањето на проблемите со извозните компании, издавањето на дозволите за градба и регулирање на статусот на интернет порталите, се наведува во соопштението.
Пендаровски ја поддржал иницијативата и ги поздравил напорите на бизнис заедницата. Според соговорниците, за да се унапредат севкупните економски односи, потребен е дијалог и меѓусебна соработка.