
Подгорица веќе не го мери европскиот пат во години, туку во месеци. По повеќе од една деценија преговори, Црна Гора влезе во фаза во која за првпат реално се зборува не само за затворање на поглавјата, туку и за текстот што треба да ја претвори од кандидат во членка на Европската Унија.
Според информации објавени од црногорска „Побједа“, а пренесени од European Western Balkans, во Брисел се разгледува забрзано сценарио според кое сите преостанати преговарачки поглавја со Црна Гора би биле затворени до крајот на 2026 година, додека првиот нацрт на Договорот за пристапување би можел да биде подготвен уште до крајот на септември. Станува збор за информации од неименувани високи извори во Европската комисија, а не за официјално објавена одлука на ЕК.
Но, неколку конкретни потези на европските институции покажуваат дека приказната за членството на Црна Гора веќе одамна не е само политичка реторика.
Во моментов, Црна Гора има отворено сите 33 преговарачки поглавја, од кои 18 се привремено затворени. Последните две – поглавјето 8 за конкуренција и поглавјето 29 за царинска унија – беа затворени на 14 јули во Брисел. Тоа значи дека на Подгорица ѝ остануваат уште 15 поглавја ако сака до крајот на годината да ја оствари својата амбиција за завршување на техничкиот дел од преговорите. Ирското претседателство со Советот на ЕУ тогаш ја нарече Црна Гора предводник во процесот на проширување.
Темпото навистина е забрзано. Во јануари беше затворено поглавјето 32 – финансиска контрола, во март поглавјето 21 за трансевропските мрежи, а во јуни уште две – слободното движење на работниците и заштитата на потрошувачите и здравјето. Потоа следуваа конкуренцијата и царинската унија во јули.
Уште поважен сигнал дојде од Советот на ЕУ. Во мај почна со работа посебната Ад хок работна група за подготовка на Договорот за пристапување на Црна Гора. Тоа е документот што, по завршувањето на преговорите, треба да ги дефинира конкретните услови под кои земјата ќе влезе во Унијата. Во него се уредуваат институционалните и финансиските аранжмани, можните транзициски периоди и другите услови за членство.
Европската комисија во јуни направи уште еден чекор и претстави финансиски пакет со аранжманите што би важеле за Црна Гора по нејзиното пристапување. Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен тогаш порача дека станува збор за конкретна подготовка на Црна Гора, земјите-членки и европските институции за идното членство.
А Подгорица вчера испрати уште еден важен сигнал кон Брисел. На 24 август црногорскиот Парламент ги усвои уставните измени поврзани со Судскиот и Обвинителскиот совет и со независноста на Централната банка. Измените се дел од обврските во процесот на европска интеграција и се особено важни за владеењето на правото и завршувањето на најчувствителните поглавја. Вицепремиерот Филип Ивановиќ оцени дека со тоа е исполнета значајна обврска и повторно ја потврди целта – преговорите да завршат до крајот на 2026 година.
Токму затоа следните четири месеци можат да бидат пресудни.
Според информациите на „Побједа“, на следната меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Црна Гора би можеле привремено да бидат затворени уште четири или пет поглавја. Доколку таквата динамика продолжи, Подгорица би влегла во последните недели од годината со значително намалена листа на обврски.
Но, патот до европското членство не е само список на поглавја што треба да се пречкртаат.
Еден од најчувствителните проблеми доаѓа од соседна Хрватска. Загреб јавно предупреди дека нерешените билатерални прашања мора да бидат затворени за да не станат пречка во финалната фаза од преговорите. Меѓу нив се обесштетувањето на поранешните затвореници од воените логори, потрагата по 14 исчезнати лица, процесирањето воени злосторства, имотно-правните прашања, спомен-плочата во Морињ, името на базенот во Котор, морската граница и спорот околу школскиот брод „Јадран“.
Хрватска истовремено нагласува дека го поддржува членството на Црна Гора, но бара конкретен напредок во овие прашања. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека, доколку постои политичка волја, Црна Гора може да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година и да стане членка во 2028 година.
Според изворите на „Побједа“, во новото сценарио се предвидува и посилно вклучување на европските партнери во дијалогот меѓу Подгорица и Загреб, со цел билатералните спорови да не го запрат процесот во моментот кога Црна Гора е најблиску до неговото завршување.
Во целата равенка се појавува уште една, на прв поглед неочекувана земја – Исланд.
На 29 август Исланѓаните ќе гласаат дали нивната земја треба повторно да започне преговори за членство во Европската Унија. Тоа не е референдум за влез во ЕУ – доколку граѓаните гласаат „за“, ќе следуваат преговори, а евентуалниот конечен договор потоа би бил предмет на ново гласање.
Зошто Исланд би бил важен за Црна Гора? Не затоа што двата процеса се правно поврзани, туку поради политичката атмосфера во Унијата. Според „Ројтерс“, европски дипломати гледаат на евентуалното исландско „да“ како на позитивен сигнал за политиката на проширување во момент кога ЕУ размислува за прием на нови членки од Западен Балкан и Источна Европа.
„Побједа“ оди чекор понатаму и објавува дека во Брисел во последните денови имало консултации меѓу амбасадори на пет клучни земји-членки поради политичките случувања во Црна Гора. Според неименуваните извори на весникот, дел од загриженоста се однесува на наводно зголемено хибридно влијание од регионот, пред сè од Србија, кое би можело да го забави европскиот пат на Подгорица. За овие тврдења засега нема посебно официјално соопштение од Европската комисија, па тие треба да се третираат како информации на медиумот повикани на дипломатски извори.
Сепак, една работа е официјално јасна: Црна Гора во моментов е најнапредната земја-кандидат во процесот на пристапување кон ЕУ, а Брисел веќе работи на документите потребни за нејзиното идно членство. Европската комесарка за проширување Марта Кос во повеќе наврати оцени дека црногорската цел за членство во 2028 година е можна доколку земјата го задржи реформскиот курс.
Сепак, затворањето на сите поглавја до декември не би значело дека на 1 јануари Црна Гора автоматски станува членка. Потоа треба да се финализира Договорот за пристапување и да помине политичката и правната процедура во ЕУ и во земјите-членки.
Но, ако планот што сега се споменува во Брисел навистина се реализира, 2026 година може да остане запаметена како годината во која Црна Гора престана да прашува дали ќе влезе во Европската Унија и почна да преговара за тоа – кога.
Аналитика








