Човечкиот капитал останува еден од клучните фактори за одржлив раст, конкурентност и долгорочен развој на компаниите. Ова беше една од главните пораки на Прогресив лидерската конференција, која на 4 јуни се одржа во Виница, во просториите на Прогресив академија, под мотото „Развој на бизнисот преку развој на луѓето“.
На конференцијата беа споделени искуства од домашни и меѓународни експерти за современите HR-практики, управувањето со таленти, предизвиците што ги носат новите генерации на работното место, како и за влијанието на вештачката интелигенција врз организациите и начинот на работа.

Дискусиите покажаа дека технологијата и вештачката интелигенција сè повеќе стануваат дел од деловните процеси и можат значително да придонесат за поголема продуктивност и ефикасност. Сепак, една од пораките од конференцијата беше дека човекот останува во центарот на организацискиот развој, лидерството и донесувањето одлуки.
Посебен акцент беше ставен на потребата компаниите континуирано да инвестираат во развојот на своите вработени, да создаваат работна средина во која талентите ќе бидат препознаени, мотивирани и задржани, како и да градат организациска култура заснована на учење, иновации и соработка.
Во рамки на конференцијата беа презентирани и примери од наградени компании, кои покажаа дека успешните HR-практики имаат директно влијание врз деловните резултати и долгорочната одржливост на организациите.
Настанот беше оценет како значајна платформа за размена на знаења, искуства и идеи, со цел создавање посилни лидери, поуспешни организации и поконкурентна бизнис-заедница.
Аналитика








