ПОВЕЌЕ

    Буџетскиот дефицит влијае врз појавата на јавниот долг – износ на задолженост на државата дома и во странство

    Време зa читање: 3 минути

    За урамнотежен буџет зборуваме тогаш кога јавните приходи се еднакви на јавните расходи. Најчесто ваквата урамнотеженост во приходите и трошоците во буџетот на државата е тешко остварлива во реалноста и затоа се појавуваат состојби каде што јавните приходи ги надминуваат јавните расходи (буџетски суфицит) и обратно, кога јавните расходи на државата се поголеми од јавните приходи (буџетски дефицит).

    Што се случува кога државата повеќе троши отколку што има можност да прибере средства за нејзиното функционирање? Како се надминува ваквата ситуација на недостиг на средства за финансирање?

    Кога јавните приходи не се доволни за покривање на јавните расходи, државата ја покрива разликата преку задолжување. Државата може да го направи задолжувањето кон приватниот сектор дома и преку задолжување во странство. Износот на задолжувањето на државата се нарекува јавен долг.

    Во земјите со развиен пазар на капитал, државата го прави задолжувањето преку позајмување средства од приватниот сектор – од граѓаните и од финансиските институции преку издавање на државни обврзници. Државните обврзници се атрактивни финансиски инструменти поради тоа што тие носат камата и се речиси без ризик – државата гарантира дека средствата кои приватниот сектор ги позајмил, заедно со каматата, ќе бидат исплатени.

    Најчесто во помалку развиените пазарни економии како и во државите во кои пазарот на капитал е неразвиен, државата посегнува кон задолжување во странство. Во овој случај, најчесто државата зема кредити (најчесто од Светска банка или други меѓународни финансиски институции) и на тој начин обезбедува средства за своето нормално функционирање.

    Сепак, јавниот долг како категорија ги опфаќа задолжувањата на државата дома и во странство. Начинот и условите под кои државата се задолжува, исто така, се многу значајни, бидејќи јавниот долг е само износот на потребни средства кои државата треба да ги позајми од инвеститорите, а треба да се земат предвид и каматните стапки како цена за позајмениот капитал (износ кој не е вклучен во категоријата јавен долг) и времето на исплата на долгот – услов кој е особено значаен при планирањето на државниот буџет во иднина.

    Поради значајните импликации кои јавниот долг може да ги има врз економијата, при планирањето на буџетот особено е важно јавните приходи да бидат реално остварливи, а во исто време да се направи реална проценка на јавните расходи и државата да се стреми кон намалување на непродуктивните расходи. Во одредени ситуации, прифатливо е постоењето на повисок износ на јавен долг, односно кога државата инвестира во капитални проекти од кои се очекуваат парични приливи во иднина и кои придонесуваат за раст и развој на економијата воопшто.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично