ПОВЕЌЕ

    Банкарите ја послушаа Народната банка да не делат дивиденда

    Време зa читање: 3 минути

    Банкарите како превентивна ја оценија мерката на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките и штедилниците поради Ковид кризата. На средбата што вчера Македонската Банкарска Асоцијација (МБА) ја одржа со вицегувернерите и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежовска беше константирано дека оваа мерка се носи во насока на јакнење на банките.

    ”Мерката на  Народната банка беше оценета како превентивна, во функција на натамошно јакнење на потенцијалот на банките и штедилниците за  справување со последиците од Ковид кризата, во услови на сеуште изразена неизвесност и потенцијални ризици”,стои во соопштението на МБА.

    Од банкарската асоцијација потенцираат дека во наредниот период е договорено поажурно споделување на на информациите помеѓу банките и штедилниците со Народната банка. Целта е да се направи проценка дали може да дојде до предвремено укинување на забраната на НБРМ за делење на дивиденда.

    ”Со тоа ќе се олесни навременото оценување на потенцијалните ефекти од КОВИД кризата што ќе овозможи и оцена дали има можност за предвремено укинување на временото ограничување за распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците, притоа водејќи се од целта за постојано одржување на финансиската стабилност, што е во интерес на сите субјекти во економијата, вклучително и акционерите во банките и штедилниците”, посочуваат од асоцијацијата.

    На средбата едногласно е констатирано дека како резултат на здравите фундаменти на банкарскиот систем, политиките и мерките преземени од страна на Народната банка, како и прудентното управување и работење од страна на банките и штедилниците, банкарскиот сектор во досегашниот период успешно одговори на сите предизвици од КОВИД кризата и обезбеди континуитет на сигурно и стабилно работење, како и испорака на  значајна кредитна поддршка спрема реалниот сектор и населението. Довербата на граѓаните и компаниите во банките и штедилниците останува на високо ниво, што се гледа и од растот на вкупните депозити, кои во јануари 2021, споредено со истиот месец минатата година, се зголемени за 6,3%.

    Истовремено, Македонската банкарска асоцијација апелира до политичките структури и сите други субјекти во земјава да се воздржат од какви било неиздржани и непроверени коментари, оценки и квалификации за состојбите во банкарскиот сектор, а особено да избегнуваат политички маркетинг на сметка на банките и штедилниците и интересите на сите нивни клиенти – граѓани и компании, како и на нивните акционери.  На тој начин ќе дадат свој конструктивен придонес за одржување и унапредување на тоа што е јавно добро во секоја земја: довербата на граѓаните, компаниите, истакнуваат од МБА.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично