ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска: Новата Стратегија на Народната банка во функција на зелената трансформација на економијата

    Време зa читање: 3 минути

    Климатските промени, кои заедно со геополитичката фрагментација, според последното истражување на Светскиот економски форум, се едни од главните светски ризици на среден и на долг рок, беа дел од обраќањето на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска пред високите претставници на банките, државните институции, ЕБОР и ЕУ, на свечената вечера во организација на Инвестицискиот фонд за зелен раст. Притоа, беа посочени оцените, според кои, климатските промени го намалуваат глобалниот економски раст за 0,4 п.п., со поизразен ефект во економиите во развој од 0,7 п.п. Освен тоа, предвид се имаат и негативните влијанија од сѐ почестите рекордни суши, топлотните бранови и поплавите. Гувернерката дополни и дека е особено важно ефектите од климатските промени да се составен дел од водењето политики на централните банки, особено во помалку развиените економии кои вообичаено се многу чувствителни на климатските ризици, но немаат соодветни фискални и финансиски ресурси за нивно ублажување.

    Климатските ризици беа тема и на средбата меѓу раководството на Народната банка и претставниците на еден од водечките светски менаџери со средства „Финансии во движење“ и на Инвестицискиот фонд за зелен раст, советуван од компанијата, предводени од претседателот на Одборот на директори на Фондот, Кристофер Ноулс и извршната директорка на „Финансии во движење“, Елвира Лефтинг.

    На средбата, гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на ризиците од климатските промени и потребата за зелено финансирање, односно за зголемување на финансирањето зелени проекти, како неминовност за банкарскиот сектор.

    „Ова е особено важно прашање за нас, како и за централните банки во глобални рамки, поради можните ефекти на климатските промени врз финансиската стабилност, но и врз стабилноста на цените, имајќи предвид дека сѐ почестите природни катастрофи доведуваат до шокови на страната на понудата и засилена пазарна неизвесност. Нашите заложби во доменот на зелените финансии ќе се засилат во наредниот период во согласност со неодамна донесениот Среднорочен план за активностите на Народната банка во доменот на управувањето со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година“, истакна гувернерката.

    Претставниците на „Финансии во движење“ и Инвестицискиот фонд за зелен раст ја посочија како добар пример посветеноста на Народната банка на предизвиците што ги наметнуваат климатските промени. Беа истакнати заложбите на Народната банка за подобрување на потенцијалот на банкарскиот систем за поддршка на преминот на економијата кон зелен и одржлив развој, вклучително и преку донесувањето на Среднорочниот план со кој се предвидени повеќе активности за поголема поддршка на зеленото финансирање, а со тоа и натамошно одржување на финансиската стабилност. Во овој дел значајна улога ќе има и користењето на кредитните линии на европските фондови коишто поттикнуваат инвестиции за енергетска ефикасност, за обновливи извори на енергија. Целта на Фондот е да ѝ обезбеди поддршка на земјата преку својата посветена финансиска поткрепа за енергетската и ефикасноста на ресурсите и обновливите извори на енергија, но и да им помогне на компаниите и на нивните партнерски кредитни институции подобро да се подготват за бизнисот  на утрешницата и за предизвиците коишто ги очекуваат на ова патување.

    Инвестицискиот фонд за зелен раст, оформен во 2009 година како иницијатива на Европската инвестициска банка и Германската банка за развој, подржан од „Финансии во движење“, во нашата држава е активен преку финансирање на банките и обезбедување инвестиции за проектно финансирање, како и преку проекти за техничка поддршка. Досега, Фондот има обезбедено финансиска поддршка во вкупна вредност од 50 милиони евра, вклучувајќи и 26 наменски проекти за локалните финансиски институции во износ од еден милион евра во форма на неотповиклива техничка поддршка

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично