ПОВЕЌЕ

    „АЛБАНИЈА НЕ Е НА ПРОДАЖБА“: Како сонот на Џаред Кушнер, тежок милијарди долари ја покрена „Фламинго револуцијата“ во Албанија?

    Време зa читање: 12 минути

    За Иванка Трамп, се` започна со пливање. „Бевме на бродот на еден пријател и застанавме да пливаме. Всушност, така го најдовме“, му раскажа таа на американскиот подкастер Дејвид Сенра претходно оваа недела, опишувајќи го ненаселениот албански остров Сазан со сонувачки, речиси посесивни термини – „неверојатен, прекрасен, приватен остров од 1.400 хектари во средината на Медитеранот“, а снимката набргу стана вирална.

    За илјадниците Албанци кои со денови протестираат на улиците на Тирана и Валона, таа реченица – „приватен остров“ – всушност го запали алармот.

    Пет дена по ред, демонстрантите ги преплавија улиците на Тирана и крајбрежното село Звернец, држејќи транспаренти со нацртани розови фламинга, скандирајќи „Албанија не е на продажба“ и „Иванка, оди си дома“., па експлозијата на незадоволство што извади илјадници луѓе на градските улици, на социјалните мрежи веќе почна да се нарекува „ Фламинго револуција“.

    И така, она што започна како локален спор околу ограда од бодликава жица на плажа, ескалираше во целосна национална криза: обвинителите за борба против корупцијата отворија кривична истрага, банкарските сметки се замрзнати, избувна дипломатски инцидент со Грција, а Европската Унија издаде формални предупредувања. Во центарот на сето тоа стои Џаред Кушнер – зет на Доналд Трамп, висок дипломатски претставник, а сега и бизнисмен со амбиции да го преобликува албанскиот јадрански брег.

    КАКВА БИЗНИС ЗДЕЛКА НАПРАВИЛ ЗЕТОТ НА ТРАМП ВО АЛБАНИЈА?

    Инвестицискиот план на Кушнер за Албанија не е еден проект, туку се два, а и двата се  лоцирани по долж јужниот јадрански брег на земјата – и заедно, нивната проценета вредност надминува шест милијарди евра.

    Првото место е островот Сазан, кој бил поранешна воена база од времето на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа,  која со децении била во тајност и недостапна за цивили. Во декември 2024 година, албанската влада го декласифицираше островот за цивилна употреба. Кратко потоа, инвестициската фирма на Кушнер, со седиште во Мајами, „Афинити партнерс“, доби статус на „стратешки инвеститор“ од албанската влада преку нејзиното локално претпријатие, „Атлантик инкубација партнерс ЛЛЦ“, за проект вреден приближно 1,4 милијарди евра. Плановите вклучуваат луксузен еко-одморалиште управувано од „Аман ресортс“, приватни вили, марина и адаптивна повторна употреба на воени бункери и тунели од времето на Студената војна.

    Второто и поголемо место е крајбрежното мочуриште Вјоса-Нарта во близина на Звернец, заштитено подрачје каде што живеат фламинга, медитерански морски фоки и места за гнездење морски желки. Планираниот туристички комплекс тука се проценува на повеќе од 4,65 милијарди евра и би се протегал на приближно 2,6 милиони квадратни метри, со до 10.000 хотелски соби и вили.

    Премиерот Еди Рама даде формално одобрение за планот за „Атлантик Инкјубејшн партнерс ЛЛЦ“ на 30 декември 2025 година, потврдувајќи дека проектот е во согласност со законодавството за стратешки инвестиции и барањата за создавање работни места на Албанија, со околу 1.000 постојани вработени. Учеството на државата, се наведува во одобрението, ќе се реализира преку заеднички правен субјект во кој ќе биде вклучена и Албанската инвестициска корпорација.

    Проектот беше промовиран од владата како потенцијално трансформативен – средство за да се направи Албанија водечка медитеранска луксузна дестинација. Туристичкиот сектор на Албанија веќе учествува со 26 проценти во БДП, а земјата е во активни преговори за пристапување кон ЕУ, со членство насочено кон 2030 година.

    КОЈ СТОИ ЗАД БИЗНИСОТ НА КУШНЕР ВО АЛБАНИЈА?

    За да се разбере што всушност претставува проектот во Албанија, треба да се разбере сложената мрежа од инвеститори, посредници и политички односи што се протега од Мајами до Доха и Ријад. Џаред Кушнер е највидливата фигура. Тој е основач и единствен сопственик на „Афинити партнерс“, фирма за приватен капитал што ја основал откако работел како виш советник во првата администрација на Трамп.

    Од враќањето на Трамп во Белата куќа во 2025 година, Кушнер е назначен за специјален пратеник за мир, работејќи заедно со Стив Виткоф на дипломатски преговори во врска со Газа и Украина. Накратко, тој работи истовремено како дипломат поврзан со Белата куќа и како приватен инвеститор кој бара договори од повеќе милијарди долари во земји каде што политичката добра волја на САД има значителна тежина.

    Иванка Трамп, неговата сопруга и ќерка на претседателот, од почеток привлече медиумско внимание во врска со проектот во Албанија. Таа го посети регионот Валона во придружба на архитекти и инвеститори и се сретна лично со премиерот Рама. Потоа дојде нејзиното несмасно објаснување кога таа го опиша Сазан како „приватен остров“ кој тие го откриле и тоа само долеа масло на огнот кај ионака разгневените албански граѓани, револтирани поради тоа што приватни обезбедувачи тепаа луѓе што протестираа во Звернец во обид да го спасат национално природно наследство.

    Ашер Абешера е 33-годишен извршен директор претприемач и инвеститор фокусиран на големи реални средства, вклучувајќи инфраструктура, енергија и развојни платформи кои ги обликуваат градовите и регионите со генерации. Абешера е претседател на „Сазан риел естејт дивелопмент“, компанија опишана како управувачка компанија за проектот со „различни инвеститори“. Тој го надгледува развојот на терен. Тој е стациониран на Мајами, работи со недвижности, а колега му е на Џаред Кушнер во неколку обемни градежни проекти, меѓу кои сега актуелен е Дамбо Хајтс, односно изградба на мултимилионски деловен комплекс во Бруклин, Њујорк. На на неговиот Линкед Ин профил, меѓу другото може да се прочита дека пред една година го објавил следново: „Воодушевени сме што го претставуваме нашиот иконски проект во Белград: Трамп Хотел и луксузни резиденции. Останете со нас“.

    Абешера се обиде јавно да се справи со еколошките проблеми, наведувајќи дека фирмата го признава „богатиот биодиверзитет и природен пејзаж“ на областа и има „мастер план“ дизајниран за „обновување и подобрување на еколошките услови“.

    Мутаз и Рамиз Ал Кајат се катарските партнери чија вмешаност сега е во срцето на кривичната истрага. Браќата се сириско-катарски милијардери со седиште во Доха и коосновачи на „Пауер Интернешнл Холдинг“ (PIH), конгломерат активен во енергетиката, градежништвото, недвижностите и угостителството. Нивните претходни проекти вклучуваат одморалиштето Банана Ајленд во Катар, трговскиот центар „Мол оф Катар“, „Валдорф Асторија Малдиви“ и голема инфраструктура изградена за Светското првенство во фудбал во 2022 година. Тие неодамна стекнаа парцели на плажа во Звернец преку нивната компанија „Албанија Ленд Дивелопмент“, а Мутаз Ал-Кајат лично потврди за „Њујорк тајмс“ дека ова е заедничка иницијатива со „Афинити Партнерс“.

    Самиот „Афинити Партнерс“ има финансиска структура што покренува свои прашања. Нејзин најголем инвеститор со голема разлика е суверениот фонд за богатство на Саудиска Арабија, Јавниот инвестициски фонд, кој додели две милијарди долари на фирмата – обврска што дојде откако саудискиот владетел Мохамед бин Салман лично ги поништи внатрешните службеници кои се спротивставија на инвестицијата. До 2024 година, фирмата не им врати никаква добивка на своите инвеститори.

    Конечно, тука е и албанскиот премиер Еди Рама, чија влада беше политичкиот мотор зад проектот. Кога избувнаа протестите, Рама прво ги покани демонстрантите да испратат делегација од 20 лица на разговори – понуда што ја отфрлија – а потоа, забележително, излезе на CNN да тврди дека нема проект за одморалиште Кушнер-Трамп, нарекувајќи го медиумското известување „лажни вести“, „лажни слики“ и кампања за дезинформација на „хибридна војна“. Потоа, на прес-конференција истата недела, тој категорично изјави: „Нема ниту една шанса да биде запрено додека сум тука“.

    КАКО ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ СТАНА ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ

    Критичарите и обвинителите се фокусирани на низа правни и административни одлуки кои, земени заедно, се чини дека систематски го отвориле патот за проектот Кушнер. Во февруари 2024 година, парламентот на Албанија донесе закон со кој се отстранува забраната за градење во заштитени подрачја. Подоцна истата година, властите го изменија правниот статус на земјиштето долж јужниот брег, вклучувајќи делови од лагуната Вјоса-Нарта и областа околу Сазан – претходно класифицирани како заштитени во рамките на Националниот морски парк Карабурун-Сазан. Во декември 2024 година, островот Сазан беше формално декласифициран за цивилна употреба. До крајот на таа година, „Афинити партнерс“ доби статус на стратешки инвеститор – ознака што овозможува забрзани дозволи и државни стимулации.

    Нов аеродром е исто така во изградба во Валона, директно во непосредна близина на заштитеното подрачје Нарта-Звернец. Активистите го гледаат ова не како случајност, туку како дел од координиран генерален план: „Сега ја гледаме целата слика. Се чини дека целата оваа изградба била планирана пред години: аеродромот, воениот остров Сазан и блиската лагуна Звернец, сите ветени на компанијата на Џаред Кушнер и други заеднички инвеститори за изградба на луксузни одморалишта“, рече Ева Кушова, извршен директор на албанската непрофитна организација „Организација за управување со дестинации“.

    Специјалното обвинителство за борба против корупцијата во Албанија, СПАК, сега ги испитува токму овие прашања. Неговата истрага се фокусира на тоа дали промените во статусот на заштитено земјиште од 2024 година биле правно оправдани, како субјектите поврзани со Кушнер добиле права за развој без јавен тендер и потеклото на средствата што се користеле за купување на земјиште. На 2 јуни 2026 година, СПАК презеде одлучувачки чекор, наредувајќи превентивна заплена на банкарските сметки на „Албанија Ленд Дивелопмент“ – компанијата на браќата Ал-Кајат – како дел од проширената истрага за наводни лажни имотни листови.

    Како и поголемиот дел од крајбрежјето на Албанија, областа е предмет на нерешени имотни спорови што датираат од падот на комунизмот во 1990-тите, кога колективното и државното земјиште беше хаотично прераспределено. Критичарите покренаа остри прашања за тоа кој го продал земјиштето, врз која законска основа и по која цена.

    НА АЛБАНЦИТЕ ИМ ПУКНА ФИЛМОТ

    Кризата не се разгоре со законска постапка, туку –  со поставувањето ограда. Имено, на почетокот на мај годинава, во заштитеното подрачје тогаш се појавија багери, кои почнаа да ги расчистуваат боровите шуми и дините во близина на Звернец за да отворат пристапни патишта и градилишта. Потоа беа подигнати големи огради со бодликава жица по плажата, со што беше прекинат пристапот за локалните жители и туристите. На социјалните мрежи се прошири видео на кое се гледа како еден демонстрант е влечен по земја од страна на приватни обезбедувачи во црни маици. Снимката, како што ја опиша еден демонстрант, беше „искрата“ што го запали револтот.

    На 30 мај, демонстрантите се судрија со приватното обезбедување на локацијата. Петнаесет демонстранти беа подложени на кривични постапки. Двајца обезбедувачи беа испитани. Албанските власти потоа ги одзедоа лиценците на две приватни компании за обезбедување и го отпуштија локалниот началник на полицијата.
    Протестите се проширија во Тирана. Пет последователни вечери, толпи се собираа пред канцеларијата на премиерот Рама, носејќи знаци на кои пишуваше „Татковината не е на продажба“, „Рацете подалеку од Вјоса-Нарта“ и „Не сакам Албанија да стане како Дубаи“. Повеќе од 40 еколошки организации од 28 земји веќе му пишаа на Рама во јануари, барајќи „итно прекинување на сите одлуки што го унапредуваат проектот“ и предупредувајќи за „сериозни ризици за биодиверзитетот и критичните живеалишта во областа“.

    Политичките барања се проширија. Демонстрантите сега бараат не само откажување на проектот и враќање на земјиштето на поранешните сопственици, туку и оставки и на Еди Рама и на лидерот на опозицијата Сали Бериша – двете доминантни фигури во албанската политика со децении – што укажува дека гневот метастазирал од специфичен развоен спор во пошироко пресметување со управувањето.

    ПРОБЛЕМОТ ДОБИ МЕЃУНАРОДЕН ОДЗИВ

    Кризата се прошири надвор од границите на Албанија.
    Министерството за надворешни работи на Грција изрази „длабока загриженост“ поради инцидентите во Звернец, потврдувајќи дека меѓу повредените е и грчки државјанин. Грчката амбасада во Тирана ѝ пружи медицинска помош на жртвата и формално поднесе претставки до албанската влада барајќи одговорност. Атина отиде подалеку, издавајќи пошироко предупредување дека почитувањето на правата на сопственост на малцинствата и заштитата на еколошките области се „предуслов за напредок во процесот на пристапување“ – остра референца за кандидатурата на Албанија за ЕУ. Рама ја отфрли интервенцијата, возвраќајќи се дека историските имотни спорови мора да ги решаваат албанските судови.

    Европската унија, исто така, издаде формални предупредувања, додавајќи институционална тежина на притисокот што веќе расте на домашен и регионален план.
    Геополитичкиот подтекст е невозможно да се игнорира. Албанија е сојузник на НАТО и кандидат за ЕУ. Нејзиниот премиер изгради однос со Трамп – кој испрати официјални честитки до Албанија на Денот на независноста, пофалувајќи го „силното безбедносно и економско партнерство“ меѓу двете земји. Критичарите прашуваат дали Рама го штити проектот не затоа што верува во него, туку затоа што блокирањето на договор поврзан со зетот на американскиот претседател носи политички ризици што тој не е подготвен да ги прифати.

    Ова не е прв обид на Кушнер за балкански договор. Во 2025 година, „Афинити партнерс“ беше принудена да откаже развој на недвижен имот вреден 500 милиони долари во Белград – трансформацијата на урнатините на зградата на југословенскиот Генералштаб, бомбардирана од НАТО во 1999 година, во хотелски и станбен комплекс – откако интервенираше Обвинителството за организиран криминал на Србија.

    ИСТРАГА ЗА МОЖНА КОРУПЦИЈА

    Во моментот на пишување на ова, истрагата на СПАК е во тек и протестите не покажуваат знаци на смирување. Замрзнувањето на средствата на „Албанија Ланд Девелопмент“ го премести случајот од политичка контроверзност во формалниот правосуден систем. Клучното правно прашање е дали земјиштето зад една од најголемите предложени инвестиции во Албанија е консолидирано врз чиста правна основа – или преку оспорени синџири на сопственост и административни одлуки донесени во корист на одреден инвеститор.

    Прашањето за животната средина е подеднакво итно. Мочуриштето Вјоса-Нарта и морскиот парк Карабурун-Сазан не се само живописни. Тие се меѓународно признати живеалишта. Нивното уништување или деградација би било неповратно.

    И постои политичко прашање кое се протега далеку надвор од Албанија. Џаред Кушнер не е само приватен инвеститор. Тој е специјален пратеник на владата на Соединетите Американски Држави, кој работи во регион каде што американската дипломатска моќ е реална и огромна. Кога зетот на претседателот на Соединетите Американски Држави склучува инвестициска зделка вредна повеќе милијарди долари во мала земја која зависи од американската добра волја за својата безбедност и нејзините аспирации за ЕУ, линијата помеѓу бизнисот и геополитиката не само што се замаглува – туку исчезнува.

    Ј.Дуковска

    (Фото: пародија на албанскиот национален грб со стилизирани фламинга, користена на протестите во Тирана, извор – Wikipedia)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично