Согласно најновите објавени податоци на Народната Банка на Република Северна Македонија за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба во 2024 година, вредноста на вкупните онлајн трансакции направени од Македонци кон домашни и странски е-трговци, како и од иматели на странски картички кон македонски е-трговци изнесува 43,629.2 милиони денари или 709.4 милиони евра, со што е остварен пораст од 9.3% во однос на 2023 година[1]. При тоа, бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 21.6 милиони, односно е за 11.4% повеќе во однос на 2023 година.
Просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2024 година изнесува скоро 33 евра и е помала за 0.7 евро од 2023 година. При тоа, кон македонските е-трговци од иматели на домашни и странски даватели на платежни услуги направени се 26,136.6 милиони денари или 425 милиони евра што преставува 60% од вкупната вредност на онлајн трансакции. 40% од вкупната вредност на онлајн трансакциите Македонците ја направиле во странство.
[1] Народната банка на Република Северна Македонија ги усогласи извештаите за податоците од доменот на платежната статистика со Законот за платежни услуги и платни системи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 90/22 и бр. 64/24), Одлуката за содржината, начинот, формата и роковите за доставување и објавување на податоците и информациите за платежна статистика („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 12/23) и Упатството за доставување податоци и информации за платежната статистика („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 208/23). Почнувајќи од 1 јануари 2024 година, известувачите за првпат ги доставуваат податоците и информациите во согласност со Законот, Одлуката и Упатството.
Извор: НБРСМ
Што се однесува до структурата на бројот на направените онлајн трансакции според потеклото на картичката и местото на направената трансакција кон македонските е-трговци, Македонците и странците со своите картички оствариле скоро 66% од трансакциите, додека во странство Македонците оствариле 34% од трансакциите.
Извор: НБРСМ
Во 2024 година, согласно подaтоците на Народната банка има вкупно 1.666 трговци со виртуелни места на продажба, но активни е-продажни места се 1312 односно 15 повеќе во однос на минатата година (активно работење подразбира извршување најмалку една трансакција на продажно место на трговецот во текот на календарската година за којашто се известува).
Асоцијацијата за е-трговија неодамна направи унпаредување на регистарот на е-трговци, кој претставува единствен регистар на онлајн продажни места кој се обновува во соработка со 5те банки кои нудат процесирање на е-трансакции. Регистарот содржи и категоризација, односно може да се прегледаат сите активни е-трговци и може да се пребаруваат е-трговците.

– “Вредноста и бројот на онлајн трансакциите бележи и во 2024 година пораст. Минатата година ја одбележа и унапредувањето на понудата односно побогата понуда и примамливи промоции од домашните е-трговци, како и зголемување на понудата за домашните купувачи од интернационални е-трговци како Тему каде единствена платежна опција е плаќањето со картичка. Ефектите врз порастот останува да ги видиме преку податоците за првиот квартал годинава, а секако граѓаните ќе ги менуваат навиките и ова ќе влијае на вештините за онлајн купување кои што еволуираат. Отворањето на интернационалната понуда, од друга страна уште повеќе го истакна главниот предизвик за домашните е-понудувачи односно предизвиците со доставата. Оваа година очекуваме овој придружен и клучен сектор да се унапредува како што расте онлајн купувањето и очекувањата на купувачите, како и плаќањата. Асоцијацијата за е-трговија и минатата година со своите активности придонесе за проширување и зајакнување на понудата во е-трговија, унапредување на дигиталните вештини, намалување на сивата економија и зајакнување на довербата во онлајн купувањето. Преку активности како што е регистарот на е-трговци, беџот за верификувани е-трговци и информативно-едукативните кампањи за јавноста влијаеме на поголема информираност, свесност и само-заштита на граѓаните со што придонесување и за унапредување на страната на побарувачката” – вели Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р. Нина Ангеловска Станков.