Помладите Американци, на возраст од 18 до 29 години, повеќе добиваат вести од Снапчет и ТикТок, отколку членовите на другите возрасни групи.
Речиси половина (48 отсто) од возрасните Американци велат дека добиваат вести од социјалните медиуми „често” или „понекогаш”, што претставува пад од 5 процентни поени од 2020 година, според студијата на Истражувачкиот центар Пју (Pew Research Center) спроведена во периодот од 26 јули до 8 август годинава.
На прашањето дали корисниците редовно добиваат вести од социјалните медиуми, околу една третина од Американците (31отсто) одговориле дека редовно добиваат вести на Фејсбук, додека секој петти (22 отсто) редовно се информира за новостите од Јутјуб. Твитер и Инстаграм се редовни извори на вести за 13 отсто, односно 11 отсто од Американците.
Другите социјални медиуми се со помала веројатност да бидат редовен извор на вести. Помалку од еден од десет Американци велат дека редовно бараат вести на Редит (7 отсто), ТикТок (6 отсто), Линкедин (4 отсто), Снапчет (4 отсто), ВатсАп (3 отсто) и Твич (1 отсто).
Процентот на Американци кои редовно добиваат вести од овие страници остана во голема мера непроменет од 2020 година, иако делот на граѓани информирани од Фејсбук е малку намален (36 отсто во 2020 година наспроти 31 отсто во 2021 година).
Анализата на корисниците на социјалните медиуми, кои редовно добиваат вести од таму, покажува дека некои се истакнуваат како „поновинарски”, дури и ако нивната публика е релативно мала. Твитер, на пример, го користат 23 отсто од возрасните во САД, но повеќе од половина од овие корисници (55 отсто) редовно бараат вести таму. Од друга страна, Јутјуб, иако е широко користен, има помалку корисници кои бараат вести (30 отсто).
Луѓето кои редовно примаат вести на Фејсбук се убедливо повеќе жени отколку мажи (64 отсто наспроти 35 отсто), додека две третини од редовните корисници на вести на Редит се мажи. Мнозинството редовни корисници на Линкедин вести (57 отсто) имаат универзитетска диплома.
Помладите Американци, на возраст од 18 до 29 години, повеќе добиваат вести од Снапчет и ТикТок, отколку членовите на другите возрасни групи.