ПОВЕЌЕ

    Основната каматна стапка останува на нивото од 1,25%

    Време зa читање: 5 минути

    На 14 септември 2021 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

    На седницата беше оценето дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, при што беше одлучено таа да остане иста, на нивото од 1,25%, со што се задржа олабавениот карактер на монетарната политика. Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше оценето дека тековната ликвидност на банкарскиот систем е соодветна, при што беше одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

    Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика не покажува позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата. По постојаниот годишен пад во претходните четири квартали, што е поврзано со појавата на пандемијата од ковид-19,  бруто домашниот производ во вториот квартал од 2021 година забележа реален раст од 13,1% на годишна основа. Растот на БДП во вториот квартал во целост произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, при негативен придонес на нето-извозот, што е во согласност со очекувањата. Во првата половина од годината беше остварен раст од 5,2%, што е речиси во целост во согласност со проекцијата на Народната банка од 5,4%. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2021 година со кои се располага во моментов се делумни и се недоволни за согледување на состојбите во целина. Имено, податоците за јули покажуваат натамошен значителен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, при извесно стабилизирање на движењата кај индустриското производство на годишна основа.

    Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ август, во просек годишниот раст на цените изнесува 2,7%. Во овој период, позначителен раст се забележува кај цените на маслото и цените на нафтените деривати, предизвикан од движењата на светските берзи, а дополнително влијание имаа и зголемувањата од административна и регулаторна природа, како и повисоките цени во рестораните и хотелите, што делумно е поврзано и со мерките за спречување на ширењето на ковид-19. Остварувањата кај инфлацијата се нешто повисоки од очекувањата, при што и натаму е нагласена неизвесноста во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период.

    Девизните резерви и понатаму се на соодветното ниво и во сигурната зона. Во периодот јули – август, е остварен откуп на девизи од страна на Народната банка согласно со поволните движења на девизниот пазар, беше отплатена еврообврзницата издадена во 2014 година и беа распределени 160 милиони евра од специјалните права на влечење од страна на ММФ. На збирна основа, растот на девизните резерви од почетокот на годината е нешто повисок од очекуваниот според априлските проекции. Во јули 2021 година, трговскиот дефицит е нешто повисок од очекуваниот за третиот квартал од годината, но периодот на оцена е премногу кус за носење попрецизни заклучоци. Последните расположливи податоци за менувачкото работење укажуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи од приватни трансфери од очекуваните за третиот квартал од 2021 година.

    Движењата во рамките на монетарниот сектор и натаму се солидни, а според првичните податоците за август 2021 година, годишните стапки на раст на вкупните депозити и на вкупните кредити се над проектираните за третиот квартал на 2021 година, согласно со априлската проекција.

    Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута и натаму е на релативно стабилно и високо ниво. Показателите за остварувањата на девизниот пазар упатуваат на натамошно нормализирање на понудата на девизи од менувачниците и физичките лица на преткризните нивоа. Овие пазарни движења, придружени со солидната девизна ликвидност на банките во август, придонесоа за зголемување на понудата на девизи и следствено, за интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизи од банкарскиот систем, во износ од 30,7 милиони евра.

    Во август, движењата на меѓународните финансиски пазари во значителен обем беа реакција на поволните економски показатели за САД и засилените очекувања за најава за повлекување на монетарниот стимул од страна на ФЕД, рестриктивните ставови за монетарната политика на претставници на ЕЦБ, но и на засилените ценовни притисоци на глобално ниво. Во такви услови, преовладаа согледувањата на инвеститорите за поскоро започнување на циклусот на затегнување на монетарната политика на најголемите централни банки, поради што цените на државните обврзници во еврозоната и во САД забележаа пад, при зголемување на нивните приноси.

    Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега макроекономските показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму постојат. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично