
Од аспект на оригиналната валута на вложување, најголем дел од портфолио-инвестициите се направени во САД долари и во евра (од 345 и 113,1 милион евра, соодветно).
Анализирано од аспект на секторот на домашниот инвеститор, осигурителните друштва и пензиските фондови имаат доминантно учество, чијашто состојба на портфолио-инвестиции изнесува 399,6 милиони евра, што претставува 84,9% од вкупните портфолио-инвестиции, на крајот од 2020 година.
Според секторот на нерезидентниот издавач, доминантно учество имаат вложувањата во хартии од вредност издадени од останатите финансиски институции (освен пензиски фондови и осигурителни друштва и фондови на пазар на пари) и нефинансиските друштва (од 331,6 и 81,2 милиони евра, соодветно).
Портфолио-инвестициите ги опфаќаат вложувањата во странски сопственички капитал/сопственички хартии од вредност и акции/удели во инвестициски фондови каде што инвеститорот (резидент) поседува помалку од 10% од акционерскиот капитал, како и вложувањата во странски должнички хартии од вредност.