ПОВЕЌЕ

    18 Часовни градови

    Време зa читање: 4 минути
    Illustration and Painting

    Автор: Стручен соработник на Пари

    Кога се прави анализа на градовите, нивните изгледи за развој и можностите кои ги нудат за своите жители, во преден план треба да се земе нивната активност. На пиедесталот според оваа категорија се т.н. градови кои никогаш не спијат, односно 24 часовни градови. Ваквите градови привлекуваат голем број на луѓе, инвестиции и внимание, а со тоа со тек на време нивната големина и популарност може негативно да се одрази врз квалитетот на живот на нивните жители. Поради тоа се почести се примерите на голем број на луѓе кои разгледуваат алтернативни опции кои може да го задоволат нивниот начин на живот, но со многу пониско ниво на трошоци, помали гужви и повеќе можности на попрофитабилни бизниси и инвестиции. Новата категорија на градови кои се  повеќе добиваат на значење се 18 часовните градови.

    Овие градови се карактеризираат по тоа што се со средна големина и имаат раст на популација поголем од просечниот. Во голем број на случаи овие градови имаат олеснителни даночни обврски, имаат пониска компресија на стапката на капитализација(вредноста на недвижностите е стабилна и не се забележуваат големи флуктуации), нивото на непродадени недвижнини е ниско, а со тоа и зголемена стапка на изнајмени недвижнини. Исто така за еден град да се карактеризира како 18 часовен град треба да има развиена инфраструктура и адекватно ниво на забавен и културен живот.

    Од аспект на Македонија и нејзиниот потенцијал за развој на 18 часовните градови може да се издиференцираат три типа на градови:

    1. Главниот град кој никогаш не ги достигна карактеристиките на 24 часовните градови. Иако сите сакаме Скопје да биде градот што никогаш не спие, сепак реалноста е далеку од тоа. Обидот за 24 часовен град може да се пренамени во деференцирање на центарот на градот како простор каде секогаш нештата се во движење, додека останатите општини можеби треба да го применуваат 18 часовниот “режим на работа”.
    2. Втората категорија која има потенцијал да биде 18 часовна престолнина е составена од 2 туристички места. Тоа се Охрид и Маврово. Овие центри нудат ексклузивни можности што не можат да се најдат на ниту едно друго место во Македонија и со малку повеќе инвестиции и паметно таргетирање на идните потенцијални жители може ги исполнат очекувањата од еден урбан 18 часовен центар.
    3. Третата категорија се пограничните градови. Тука ќе ги сместиме градовите Битола и Гевгелија. Во периодот пред Ковид кризата овие градови беа доста популарни од аспект на тоа што Гевгелија важеше за град каде стапката на невработеност е скоро еднаква со природната стапка на невработеност и во целост беше искористен потенцијалот во казино индустријата и стоматолошката дејност. Од друга страна пак Битола “доби на тежина” со индустриската зона и градежната експанзија.

    Сите овие 3 категории имаат потенцијал да привлечат голем број на луѓе и тоа не само постоечки жители на Македонија, туку и странци кои местото не живеење не им е поврзано со работата, а уште повеќе што истите може да бидат причина за префрлање на работата од странство во Македонија.

    Искуството на 18 часовните градови укажува на тоа дека за да може еден град да се класифицира како успешна приказна мора да посвети внимание на следните предизвици:

    • Креирање на работни места

    Ова е можеби најтешката задача за градовите од причина што во нивните буџети треба да се направи баланс помеѓу привлекување на странски компании и инвестирање во локални стартапи.

    • Градење на технолошка инфраструктура

    Без разлика на големината на компаниите, сите тие имаат потреба не само од стабилна wi-fi конекција, туку и од технолошки инкубатори, лабаратории за истражување и развој и соработка со сите научни установи.

    • Развој на уникатна култура на живеење

    Тука од големо значење може да бидат посебните знаменитости на градот и навиките на луѓето. Нивната комбинација, надоградена со задоволување на потребите за урбан живот исполнет со забава, култура и спорт може да генерираат иникатен стил на живот.

    • Изградба на станбени и деловни објекти

    Доколку првите три точки се исполенти, се очекува дека зголемениот број на луѓе ќе резултира со зголемена побарувачка на станбени објекти, додека новите компании ќе имаат потреба од веќе изградени деловни простории.

    Потенцијалот за овој тип на градови/центри е голем и само треба да се прати побарувачката на новите генерации. Предизвикот за искористување на потенцијалот треба да се бара во потребите на новите генерации, но секако за тоа потребна е длабока анализа и целосна промена во расходната страна на општинските буџети, како и промена на менталитетот на “староседелците”.

    Автор: Стручен соработник на Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично