ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска на „Ерсте инвесторс брекфаст”: Периодот на порелаксирани финансиски услови во банкарскиот систем треба да биде искористен за финансирање продуктивни и иновативни проекти 

    Време зa читање: 2 минути

    Во своето излагање на годинешното издание на конференцијата „Ерсте инвесторс брекфаст”, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се осврна на поставеноста на монетарната политика од почетокот на ковид-кризата наваму, при што, меѓу другото посочи дека ова е прва криза во којашто иницијалниот одговор на Народната банка е олабавување на монетарната политика.

    „Просторот за водење ваква монетарна политика е овозможен со конфорното ниво на девизните резерви, отсуството на нерамнотежи и малите и ограничени ефекти врз процесот на евроизација, односно врз довербата на субјектите. Заедно со регулаторната флексибилност на Народната банка, ваквата политика придонесе за натамошно намалување на цената на кредитите и за забрзување на кредитната активност, што обезбедува поддршка на економијата. Всушност, каматните стапки на кредитите во нашата економија се едни од најниските во регионот, додека динамиката на кредитен раст е над просечната во регионални рамки.” – истакна Ангеловска-Бежоска.

    Во однос на наредниот период, гувернерката укажа дека слично како и во глобални рамки, монетарната политика ќе остане релаксирана, притоа секако водејќи сметка за одржување  на стабилноста на девизниот курс, ценовната и финансиската стабилност.

    „Овој период на порелаксирани финансиски услови во банкарскиот систем, треба да биде искористен  за насочување на финансирањето кон продуктивни и иновативни проекти, кои ќе имаат не само краткорочни ефекти врз економскиот раст, туку ќе овозможат и структурни подобрувања и подигнување на долгорочниот потенцијал на економијата, што е клучно за побрза реална конвергенција по завршувањето на пандемијата.” – порача Ангеловска-Бежоска во завршницата на своето излагање.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично