Во врска со обврската на друштвата за осигурување за усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Мaкедонија” бр. 198/2018), Агенцијата за супервизија на осигурување известува за следното:
Согласно членот 66 од Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Мaкедонија” бр. 198/2018), друштвата за осигурување, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурително брокерските друштва, застапниците во осигурување, осигурителните брокери и актуари беа должни да се усогласат со одредбите од овој закон во рок од 12 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон односно најдоцна до 7.11.2019 година.
Согласно горенаведената законска одредба, друштвата за осигурување, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурително брокерските друштва, застапниците во осигурување, осигурителните брокери и актуари беа должни да се усогласат со следните одредби од Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/2002, 79/2007, 88/2008, 67/2010, 44/2011, 188/2013, 112/2014, 153/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018 и 198/2018 во натамошниот текст: Законот):
- Друштвата за осигурување да ги усогласат:
- Акционерите – иматели на квалификувано учество во друштвото со одредбите од членот 14 од Законот;
- Органот на управување со одредбите од членот 23 од Законот;
- Надзорниот орган со одредбите од членот 28 од Законот.
- Друштвата за застапување во осигурување да ги усогласат усогласат акционерите – иматели на квалификувано учество во друштвото со членот 134-г а во врска со членот 14 од Законот.
- Осигурително брокерските друштва да ги усогласат акционерите – иматели на квалификувано учество во друштвото со одредбите од членот 146 а во врска со членот 14 од Законот.
- Банките кои имаат согласност за вршење работи на застапување во осигурување со одредбите од членот 134-г а во врска со членот 14 од законот.
- Лицата кои имаат лиценца за застапник во осигурување да се усогласат со одредбите од членот 134-в од Законот.
- Лицата кои имаат лиценца за осигурителен брокер да се усогласат со одредбите од членот 138 од Законот.
- Лицата кои имаат дозвола за работа како овластен актуар да се усогласат со одредбите од членот 112 од Законот.
И покрај тоа што Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување е објавен во „Службен весник на Република Мaкедонија“ бр. 198/2018, со цел навремено информирање на друштвата за осигурување, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурително брокерските друштва, овластените актуари, застапници во осигурување и осигурителните брокери со нивната обврска за усогласување, Агенцијата за супервизија на осигурување на ден 31.5.2019 година до сите субјекти – правни лица испрати Известување со кое ги запозна уште еднаш со нивната обврска за усогласување. Истовремено, истиот ден, Агенцијата на својата веб страница објави и Соопштение за усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Мaкедонија“ бр. 198/2018).
Заклучно со истек на рокот предвиден за усогласување – 7.11.2019 година, дел од субјектите кои имаа обврска да се усогласат, ова не го направија, или до Агенцијата доставија некомплетна документација за докажување на исполнувањето на предвидените законски услови.
Со цел излегување во пресрет на субјектите кои не биле информирани за нивната обврска за усогласување или кои од какви било други причини до Агенцијата не доставиле документација за усогласување во предвидениот рок, Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување одлучи да овозможи дополнителен период за усогласување на овие субјекти.
Согласно одлука на Советот на експерти, периодот за усогласување на сите субјекти се продолжува заклучно до 28.2.2020 година во рамки на кој период сите субјекти до Агенцијата се должни да ги достават бараните документи (целосно комплетирани). Линк до целосното соопштение на Агенцијата.
Напоменуваме и апелираме до субјектите сериозно да ја разберат нивната обврска за усогласување со законот со оглед дека доколку истите не се усогласат (најдоцна до 28.2.2020 година), Агенцијата за супервизија на осигурување ќе постапи согласно своите законски надлежности односно ќе ја одземе дозволата за вршење работи на осигурување, осигурително брокерски работи односно работи на застапување во осигурување односно лиценцата за застапник во осигурување односно осигурителен брокер.
Сите документи за усогласување кои ќе пристигнат после 28.2.2020 година како и документите кои ќе пристигнат во Агенцијата нецелосни (некомплетни) – нема да бидат земени во предвид.
За било какви пршања поврзани со постапката и потребната документација за усогласување, можете да ја контактирате Агенцијата за супервизија на осигурување – Стручна служба за регулатива и лиценцирање преку телефонскиот број: 02 3254 050 (централа).