Anthropic го одреди ценовниот опсег за иницијалната јавна понуда (IPO) на 70–78 долари по акција, стремејќи се кон историско деби на Nasdaq со вреднување од приближно 1,4 трилиони долари преку иницијална јавна понуда (IPO), и покрај новите прашања што се поставуваат во врска со огромните суми пари што се влеваат во овој сектор.
Компанијата што стои зад чет-ботот Claude во вторникот, преку официјален документ доставен до регулаторните органи, објави дека ќе понуди 825 милиони акции по цена помеѓу 70 и 78 долари за акција. Доколку цената се утврди на средината од овој опсег, Anthropic би можела да собере повеќе од 61 милијарда долари.
Одредувањето на почетната цена на акциите на една компанија е сложен процес. Ако цената е превисока, вредноста на акциите може нагло да падне уште првиот ден. Од друга страна, ако акциите се сметаат за евтини, компанијата и банките што ја спроведуваат понудата може да изгубат потенцијален капитал.
Се очекува компанијата од Сан Франциско да дебитира на Волстрит овој месец.
Иницијалната јавна понуда на Anthropic би можела да биде една од најголемите во историјата, иако се чини дека нема да го надмине рекордот од 86 милијарди долари што SpaceX ги собра преку својата понуда во јуни. Со овој потег, Anthropic би ја претекнала компанијата OpenAI во излегувањето на берзата, подготвувајќи го теренот за две големи дебитантски појавувања на ривалски компании што развиваат вештачка интелигенција.
„Кога станува збор за технологијата и вештачката интелигенција, ова е првпат една водечка американска лабораторија да добие пазарна вредност како самостоен субјект, без да биде поврзана со бизниси како рекламирање или производство на ракети“, напиша Ден Ајвс, партнер и виш извршен директор во „Yorkville Ives & Co.“, во својата анализа.
Оваа јавна понуда би можела да му обезбеди на Anthropic огромни ресурси за забрзување на експанзијата, а истовремено потенцијално да додаде милијарди долари на богатството на извршниот директор Дарио Амодеи и неговата сестра и коосновач, Даниела Амодеи.
Документите доставени до регулаторните органи минатиот месец покажаа дека приходите на Anthropic растат брзо, достигнувајќи повеќе од 16 милијарди долари во првата половина од годината – што е 14 пати повеќе во споредба со истиот период минатата година. Сепак, како и многу други технолошки компании што излегуваат на берза, Anthropic сè уште нема остварено профит.
Основана во 2021 година од поранешни раководители на OpenAI, компанијата Anthropic води борба за доминација токму со таа компанија. Сепак, двете компании имаат многу други конкуренти, вклучувајќи ги Google, понови стартапи во САД и Кина, како и SpaceX, која исто така има деловна активност во областа на вештачката интелигенција (ВИ). Anthropic, OpenAI и одделот за вештачка интелигенција на SpaceX трошат повеќе средства отколку што заработуваат, поради огромните трошоци за ресурсите потребни за развој на вештачка интелигенција, што поттикнува стравувања од појава на „меур“ -(неодржлив раст).
Кон крајот на минатата недела, на Волстрит дојде до масовна распродажба на акции, предводена од оние поврзани со изградбата на податочни центри за вештачка интелигенција. Берзите ширум светот беа под притисок поради континуираниот пад на вредноста на акциите на компаниите што претходно имаа корист од експанзијата во индустријата за вештачка интелигенција. Акциите на компаниите од овој сектор со месеци покажуваат голема нестабилност, поради загриженоста дека изградбата на нови податочни центри за вештачка интелигенција би можела да забави, со оглед на тоа што позајмувањето пари стана многу поскапо. Критичарите, исто така, сметаат дека е можно да се создава „меур“ во секторот за вештачка интелигенција.
Во септември, Дарио Амодеи предупреди дека индустријата за вештачка интелигенција треба да го забави својот брз развој, за да им се даде време на безбедносните мерки да го достигнат тој напредок. Без такво забавување, предупреди Амодеи, вештачката интелигенција би можела да ослободи „рој“ од автономни агенти, кои во рок од шест до 12 месеци би можеле да преземат контрола над целиот интернет.
Во објава на својата веб-страница, тој предложи план за засилување на контролите во индустријата, напоменувајќи дека Anthropic веќе самостојно спроведува дел од тие мерки. Што се однесува до другите чекори, тој истакна дека е потребна координација на ниво на целата индустрија, како и со владите ширум светот, вклучително и со оние во авторитарните држави.
Се очекува акциите да бидат котирани на берзата „Nasdaq Global Select Market“ под ознаката „ANT“.
Аналитика








