Услугите на Алта банка АД Битола од денес се достапни и за скопјани. Отворена е експозитурата во Трговскиот центар „Бисер“, со адреса на булевар „Јане Сандански“ бр. 1/1.
Со тоа, клиентите од Скопје и околината ќе добијат полесен пристап до банкарските услуги без потреба да патуваат во другите градови, нагласуваат од Народната банка.
Продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово, каде што клиентите можат да подигаат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Од вчера, пак, клиентите на Банката ги користат електронското и мобилното банкарство, исто така според утврдените лимити: 15.000 денари неделно за клиентите кои поседуваат платежни картички и до 20.000 денари за две недели за оние кои не поседуваат.
Лимитот се применува збирно за сите сметки во Банката и ги опфаќа плаќањата со картички во трговија или електронска трговија, повлекувањето готовина од банкомати, повлекувањето готовина на шалтер во експозитура, како и плаќањата преку електронското и мобилното банкарство.
Народната банка внимателно ја следи состојбата во Алта банка АД Битола и презема активности за постепено проширување на достапноста на банкарските услуги:
„Алта банка АД Битола продолжува да работи, а привремената администрација е заштитна мерка што се применува до разрешување на сопственичката состојба. Приоритет на Народната банка останува заштитата на интересите на клиентите и зачувувањето на стабилноста на Банката“.
Аналитика








