Речиси секој петти анкетиран работник во САД тврди дека бил заменет со вештачка интелигенција, а потоа работодавецот повторно го повикал на работа. Но, додека едни компании ги враќаат отпуштените вработени, други ја забрзуваат автоматизацијата. Австралискиот авиопревозник Qantas најави укинување на 850 работни места, американскиот Block повеќе од 4.000, а во САД само годинава вештачката интелигенција е наведена како причина за над 121.000 најавени отпуштања. Најзагрижувачкиот тренд, сепак, не се само луѓето што остануваат без работа, туку младите на кои компаниите сè поретко им даваат можност воопшто да започнат кариера.
Вештачката интелигенција беше најавена како револуционерна трансформација која требаше да ги направи компаниите поефикасни, да ги намали трошоците и да ослободи време за посложени задачи. Но, дел од работодавците кои побрзаа да ги заменат луѓето со алгоритми сега откриваат дека заштедата не е толку едноставна. Машините можат да обработат илјадници документи, да одговорат на огромен број кориснички прашања и да извршат задачи за кои некогаш биле потребни цели тимови. Сепак, сè уште не можат целосно да ги заменат искуството, проценката, довербата и одговорноста на човекот.
Ново истражување на компанијата SHL, за кое на 9 ноември пишуваше американскиот магазин „Форчн“, открива неочекуван пресврт на пазарот на трудот. Дури 19,1 процент од анкетираните американски работници изјавиле дека претходно биле заменети со вештачка интелигенција, но подоцна истите работодавци ги побарале назад.
Истражувањето опфатило 2.036 вработени лица во САД и Велика Британија, а било спроведено во јуни и јули 2026 година. На ниво на двете земји, 16 проценти од испитаниците пријавиле вакво искуство.
ОТСКОКНУВАЊЕ НАЗАД, НО ПОД ПОИНАКВИ УСЛОВИ
Феноменот добил и име – AI rebounding, односно враќање на работниците откако автоматизацијата не ги исполнила очекувањата.
Интересно е што работниците кои повторно добиваат понуда за работа не се подготвени едноставно да се вратат под старите услови. Според SHL, 51 процент од испитаниците кои разгледуваат враќање бараат значително повисока плата, 42 проценти сакаат писмени гаранции за сигурноста на работното место, а 40 проценти бараат целосна транспарентност за идната употреба на вештачката интелигенција.
Овие проценти се резултат на анкета заснована на лични изјави, а не официјална статистика на отпуштени и повторно вработени лица. Сепак, укажуваат на појава што веќе ја препознаваат и други истражувања.
Американската консултантска компанија Robert Half утврдила дека 32 проценти од менаџерите за вработување чии компании укинале позиции поради вештачка интелигенција подоцна морале повторно да отворат исти или слични работни места.
Причините се поучни. Кај 40 проценти од ваквите случаи се покажало дека работата бара познавање на внатрешните процеси и искуство што технологијата не можела да го замени. Кај 39 проценти биле неопходни човечки односи и комуникација со клиентите, а кај 38 проценти се појавила потреба од повеќе човечки надзор и контрола на квалитетот отколку што претходно се очекувало.
Еден од најпознатите примери е шведската финансиско-технолошка компанија Klarna, која претходно се пофали дека нејзиниот AI-асистент извршува работа споредлива со ангажманот на стотици оператори во корисничката поддршка. Но, по првичниот ентузијазам, компанијата повторно почна да ангажира луѓе, признавајќи дека автоматизацијата не е доволна за посложени и чувствителни кориснички случаи.
Слична порака пристигна и од автомобилскиот гигант Ford. Компанијата во 2026 година ангажирала или унапредила 350 искусни инженери, истакнувајќи дека напредните системи за автоматска контрола на квалитетот имаат потреба од човечко искуство и експертиза за да дадат сигурни резултати.
Но, овие примери не значат дека бранот автоматизација запира. Напротив, на спротивната страна од пазарот на трудот се случуваат многу подрастични промени.
QUANTAS УКИНУВА 850 РАБОТНИ МЕСТА, BLOCK ПОВЕЌЕ ОД 4.000
Австралискиот авиопревозник Qantas денес најави укинување на околу 850 работни места, како дел од повеќегодишен договор со технолошко-консултантската компанија Accenture.
Промените ќе ги опфатат финансиите, набавките, човечките ресурси и маркетингот. Првите намалувања се очекуваат до средината на 2027 година, а дел од работата ќе биде префрлен на тимови на Accenture, претежно во Индија.
Извршната директорка Ванеса Хадсон објасни дека Qantas мора да ги модернизира системите и да ја забрза употребата на вештачката интелигенција. Авиокомпанијата располага со повеќе од 1.000 стари софтверски апликации, од кои голем дел не биле создадени за меѓусебно поврзување.
Одлуката погодува околу три проценти од австралиската работна сила на компанијата.
Сепак, сите 850 позиции не се директно заменети со AI-системи. Станува збор за комбинација од автоматизација, модернизација на технологијата, реорганизација и префрлање на дел од административните функции во странство и покажа дека вештачката интелигенција не ги укинува работните места само со директно преземање на задачите. Таа може да послужи и како поттик компаниите целосно да го променат начинот на работа, да ги спојат одделите или да преместат цели деловни функции во земји со пониски трошоци.
Многу подиректен пример за AI-поттикнато намалување на работната сила е американската финансиско-технолошка компанија Block, основана од Џек Дорси.
Во февруари 2026 година Block најави укинување на повеќе од 4.000 работни места, односно речиси половина од својата работна сила.
Дорси ја образложи одлуката со новите можности што ги отвораат алатките за вештачка интелигенција, тврдејќи дека помалите тимови можат да создаваат и управуваат со производи на начин што претходно барал многу повеќе луѓе.
Реакцијата на финансискиот пазар беше впечатлива. По најавата за големите отпуштања, акциите на Block пораснаа за околу 25 проценти во вонберзанското тргување.
За инвеститорите, намалувањето на трошоците и очекувањата за повисока профитабилност беа позитивен сигнал. За илјадниците вработени, истата одлука значеше губење на работата.
Промените се видливи и кај Salesforce, еден од најголемите светски снабдувачи со деловен софтвер. Компанијата претходно го намали својот тим за корисничка поддршка од околу 9.000 на приближно 5.000 луѓе, додека нејзиниот извршен директор Марк Бениоф ја нагласуваше сè поголемата улога на AI-агентите во обработката на корисничките барања.
НАЈАВЕНО УКИНУВАЊЕ НА 121.000 РАБОТНИ МЕСТА ПОРАДИ АИ ВО САД
Колку работни места досега навистина се изгубени поради вештачката интелигенција?
Најновите податоци на американската компанија за следење на отпуштањата Challenger, Gray & Christmas покажуваат дека од јануари до октомври 2026 година, американските работодавци ја навеле вештачката интелигенција како причина за 121.401 најавено укинување работни места.
Тоа претставува приближно 20 проценти од вкупно 617.189 најавени укинувања во САД во овој период.
За споредба, во целата 2025 година AI била наведена како причина за 54.836 укинувања. Значи, само во првите десет месеци од 2026 година бројот веќе е повеќе од двојно поголем.
Од 2023 година, кога Challenger започнала посебно да ги следи ваквите причини за отпуштање, до крајот на октомври 2026 година американските компании пријавиле 193.226 најавени укинувања работни места поврзани со AI.
Компаниите често наведуваат повеќе причини за реорганизација, поради што не е секогаш можно точно да се измери колкав дел од отпуштањата бил предизвикан исклучиво од автоматизацијата.
Интересен е и последниот месечен пресек. Во октомври вештачката интелигенција била наведена како причина за само 1.265 најавени укинувања, најмалку во еден месец во текот на годинава. Економските услови повторно станале почеста причина за намалување на кадарот.
Тоа укажува дека влијанието на AI врз пазарот на трудот не се движи рамномерно, туку се менува во зависност од деловните циклуси, инвестициите и одлуките на компаниите.
На глобално ниво, меѓутоа, не постои единствена веродостојна статистика што покажува точно колку луѓе досега ја изгубиле работата исклучиво поради вештачката интелигенција.
Голем дел од државите не ја издвојуваат AI како посебна причина за невработеност, а многу работни места исчезнуваат преку природен одлив, непополнување испразнети позиции или запирање на новите вработувања, без формално да се евидентира отпуштање.
МЛАДИТЕ НАЈЧЕСТО ОСТАНУВААТ БЕЗ РАБОТА
Можеби најважниот дел од промените на пазарот на трудот не се случува во канцелариите од кои излегуваат отпуштените работници, туку во одделите за човечки ресурси, каде што сè помалку се отвораат почетни позиции.
Истражување на Универзитетот Стенфорд, ажурирано во август 2026 година, покажува дека вработеноста кај младите од 22 до 25 години во професиите најизложени на AI е приближно 19 проценти под нивото што би го достигнала доколку растела со исто темпо како кај нивните врсници во помалку изложени професии. Истражувачите користеле административни податоци за милиони американски работници и забележале дека разликата расте од почетокот на пошироката употреба на генеративната вештачка интелигенција.
Особено важно е нивното откритие дека негативниот ефект во голема мера се манифестира преку намалување на новите вработувања, а не преку масовни отпуштања на веќе вработените млади луѓе.
Тоа значи дека компанијата можеби нема да отпушти ниту еден искусен програмер, но ќе се откаже од вработување двајца или тројца почетници, бидејќи дел од нивните задачи сега може да ги изврши AI-алатка.
Сличен ризик постои и кај младите сметководители, административните соработници, аналитичарите, графичките дизајнери, преведувачите, маркетиншките асистенти и работниците во корисничката поддршка.
Станува збор за професии во кои почетниците традиционално се обучувале преку повторливи задачи: обработка на документи, подготвување извештаи, првични анализи, внесување податоци, пишување едноставни програмски кодови и комуникација со клиенти.
Токму ваквите задачи денес се меѓу најпогодните за автоматизација.
Но, тука се појавува парадокс. Ако компаниите ги укинат почетните позиции, од каде ќе доаѓаат искусните работници што ќе им бидат потребни за пет или десет години?
Без вработување и практична обука на младите, се нарушува природниот процес на создавање нови експерти. Компаниите можат краткорочно да ги намалат трошоците, но долгорочно да создадат недостиг од луѓе со искуство и знаење.
Новиот глобален извештај на PwC од јуни 2026 година дополнително го нагласува овој проблем.
Според анализата на повеќе од една милијарда огласи за вработување, почетните позиции што се најизложени на AI се седумпати поверојатно да бараат вештини што традиционално се очекувале од поискусни работници, како самостојно расудување, лидерство и донесување одлуки.
Со други зборови, компаниите сè почесто сакаат млад човек кој веќе размислува и работи како искусен професионалец, иако допрва ја започнува кариерата.
Тоа е сериозен предизвик за универзитетите, системите за стручно образование и самите работодавци.
ДО 2030 СЕ ОЧЕКУВА ДА ИСЧЕЗНАТ 92 МИЛИОНИ РАБОТНИ МЕСТА, ЌЕ ИМА ЛИ НОВИ?
Според извештајот Future of Jobs 2025 на Светскиот економски форум, до 2030 година на глобално ниво би можеле да бидат потиснати или укинати околу 92 милиони постојни работни места, но истовремено да се создадат приближно 170 милиони нови.
Тоа би значело нето-зголемување на вработеноста за околу 78 милиони работни места.
Сепак, проценката ги опфаќа сите главни фактори што ја менуваат светската економија – технолошките иновации, демографските промени, зелената транзиција, геополитичките и економските движења. Не станува збор за 92 милиони работни места што ќе исчезнат исклучиво поради вештачката интелигенција.
Извештајот предвидува дека до крајот на деценијата структурните промени ќе засегнат околу 22 проценти од постојните работни места.
Особено значаен е ставот на работодавците: 41 процент од анкетираните компании очекуваат да ја намалат својата работна сила таму каде што AI ќе може да автоматизира одредени задачи, додека 77 проценти планираат дополнително да ги обучуваат постојните вработени.
Меѓународниот монетарен фонд ММФ проценува дека вештачката интелигенција може да влијае врз околу 40 проценти од работните места во светот, а во развиените економии врз дури 60 проценти. Но, изложеноста на AI не значи автоматски губење на работното место. Дел од професиите ќе исчезнат, додека други ќе станат попродуктивни и подобро платени.
Меѓународната организација на трудот, пак, проценува дека околу секој четврти работник во светот се наоѓа во професија што во одредена мера е изложена на генеративна AI. Нејзиниот заклучок е дека трансформацијата на работните задачи засега е поверојатна од целосното исчезнување на најголемиот дел од тие професии.
За 2027 година сè уште нема доволно сигурна глобална проценка колку работни места ќе бидат изгубени исклучиво поради AI. Меѓутоа, анкетата на Indeed Hiring Lab од август 2026 година покажува дека 52 проценти од анкетираните економисти очекуваат вештачката интелигенција да има барем умерено негативен нето-ефект врз американската вработеност во следните 12 месеци, додека 35 проценти предвидуваат позитивен ефект.
На подолг рок, Goldman Sachs проценува дека целосното ширење на AI би можело да доведе до прераспределување на околу девет проценти од американските работници, што одговара на приближно 15 милиони луѓе во период од една деценија.
Дополнително, анализата на Boston Consulting Group од 2026 година покажува дека во следните две до три години AI би можела значително да го промени начинот на работа на 50 до 55 проценти од вработените во САД. Според подолгорочните сценарија на компанијата, потенцијално 10 до 15 проценти од американските работни места би можеле целосно да бидат заменети во период од пет или повеќе години.
ЌЕ ДОНЕСЕ ЛИ AI НОВА ЕКОНОМСКА НЕЕДНАКВОСТ?
Додека дел од работниците остануваат без работа, други веќе добиваат значителни финансиски придобивки од технологијата.
Глобалниот извештај на PwC покажува дека работните места за кои се бараат специфични AI-вештини носат во просек 62 проценти повисока плата во споредба со слични позиции за кои таквите компетенции не се потребни.
Истовремено, побарувачката за AI-вештини расте многу побрзо од вкупната побарувачка за работна сила. Тоа отвора можност за создавање двослоен пазар на трудот.
Во првата група ќе бидат работниците кои умеат да ја користат вештачката интелигенција како алатка – да управуваат со автоматизирани процеси, да проверуваат резултати, да донесуваат деловни одлуки и да создаваат нова вредност.
Во втората група ќе бидат оние чии секојдневни задачи лесно можат да се автоматизираат и кои немаат можност, ресурси или поддршка да стекнат нови вештини.
Разликата меѓу овие две групи би можела да се претвори во сè поголема разлика во платите, сигурноста на вработувањето и можностите за професионален напредок.
Аналитика








