Македонските банки имаат најнизок удел на нефункционални кредити во Западен Балкан, но зад добрата слика на кредитното портфолио се појавуваат две области што бараат поголемо внимание – брзото кредитирање поврзано со недвижностите и зголемената изложеност на банките кон државниот долг.
Последниот Редовен економски извештај за Западен Балкан на Светска банка покажува дека нефункционалните кредити во Македонија во март годинава изнесувале само 1,9 отсто од вкупните кредити, што е најниското ниво меѓу шесте економии од регионот. За споредба, стапката изнесувала 2% во Србија и Косово, 2,1% во Босна и Херцеговина, 3% во Црна Гора и 3,7% во Албанија.
Но, Светска банка предупредува дека ниското ниво на проблематични кредити не треба да го оттргне вниманието од брзото темпо со кое расте кредитирањето.
Кредитите на граѓаните растат за 16,1% – Или, накусо, кредитирањето на населението се движело побрзо и од вкупниот кредитен раст и од кредитирањето на корпоративниот сектор. А Светска банка посебно го издвојува брзиот раст на станбеното кредитирање.
Конкретно, во февруари вкупното кредитирање во Македонија било повисоко за 12,6 насто на годишно ниво. Во тие рамки, кредитите на компаниите пораснале за 14,3 насто.
Трендот забележан кај задолжувањето на граѓаните не е карактеристичен само за Македонија. Според Светска банка, во повеќе земји од Западен Балкан домаќинствата стануваат сè позначаен двигател на кредитната експанзија.
Сепак, во нашиот случај се издвојува структурата на кредитното портфолио – околу 70 отсто од кредитите се поврзани со недвижностите, односно со станбен и деловен имот.
Брзиот раст на станбеното кредитирање се случува паралелно со силен раст на цените на недвижностите, поради што Народната банка веќе воведе построги макропрудентни мерки.
Максималниот сооднос меѓу вредноста на кредитот и вредноста на недвижноста беше намален од 85% на 75%, со исклучок за купувачите на прв дом. Истовремено, максималниот сооднос меѓу месечните кредитни обврски и доходот беше намален на 50% за денарските кредити и на 45% за кредитите со девизна компонента.
Контрацикличниот заштитен слој на капиталот, пак, од октомври 2026 година е предвидено да достигне 2%. Сето тоа покажува дека регулаторот веќе реагира на забрзаниот кредитен циклус и на ризиците што можат да произлезат од понатамошен силен раст на задолжувањето и цените на становите.
Вториот ризик – Светска банка укажува дека во Македонија и Босна и Херцеговина вложувањата на банките во државен долг се на ниво еднакво или повисоко од нивниот регулаторен капитал. Оттаму и предупредувањето дека супервизорите треба внимателно да ја следат врската меѓу банките и државата.
Причината е едноставна: колку е поголема изложеноста на банките кон државни обврзници, толку повеќе евентуален проблем со кредитоспособноста на државата може да се пренесе и врз билансите на банките.
Во извештајот овој ризик се разгледува како можност за создавање посилна врска меѓу државниот и банкарскиот ризик, особено во услови на поголеми буџетски потреби и раст на јавниот долг.
И капиталната позиција на банките во регионот е силна. Просечната стапка на адекватност на капиталот во шесте економии изнесува 19,3%, значително над минималните регулаторни барања.
Светска банка оценува и дека ликвидноста останува висока, иако клучните ликвидносни показатели во регионот во просек се намалени за околу 12 отсто во однос на 2023 година.
Исто така, се посочува дека профитабилноста на банките во регионот почнува да слабее. Просечниот принос на активата е намален на 2,1%, а приносот на капиталот на 15,4%, додека некаматните расходи растат во сите шест економии.
Во поширокиот економски дел од извештајот, Светска банка очекува македонската економија да годинава да порасне за 3,2 насто, а со приближно исто темпо и до 2028 година. Растот треба да го носат домашната побарувачка, приватната потрошувачка и јавните инвестиции, вклучително и Коридорите 8 и 10д.
Аналитика








