ПОВЕЌЕ

    ИНФЛАЦИЈАТА ВО ЕВРОЗОНАТА ПОВТОРНО СОБОРУВА РЕКОРДИ, со 4% се врати на нивото од 2023

    Време зa читање: 2 минути

    Инфлацијата во еврозоната во октомври достигна највисоко ниво во последните три години, поттикната од наглиот раст на цените на енергенсите како последица на конфликтот на Блискиот Исток, покажуваат официјалните податоци објавени во средата. Според првичната проценка на „Еуростат“, растот на цените во земјите што ја користат европската единствена валута се забрзал до 4 отсто, што е зголемување во однос на 3,8 отсто во септември.

    Ова е највисокото ниво забележано од септември 2023 година, по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, која предизвика невиден скок на цените низ целата еврозона. Забрзувањето во октомври, поврзано со скокот на цените на нафтата, е во согласност со очекувањата на аналитичарите од „Блумберг“.

    Според „Еуростат“, цените на енергенсите во октомври пораснале за 20,8 отсто, што е пораст во однос на 18,9 отсто претходниот месец. Исто така, забележан е благ раст на цените на услугите (3,3 отсто, во споредба со 3,2 отсто во септември) и на цените на храната (1,6 отсто, во споредба со 1,3 отсто во септември).

    Во оваа фаза, „индиректните ефекти од повисоките трошоци за енергија врз цените на храната“ остануваат „многу ограничени“, вели Џек Ален-Рејнолдс, економист во „Капитал економикс“ (Capital Economics). „Доколку цените на енергенсите останат блиску до сегашните нивоа, инфлацијата кај енергенсите би требало благо да се намали во ноември. Сепак, сметаме дека влијанието на повисоките трошоци за енергија ќе се одрази повидливо врз цените на храната“ во наредните месеци, додаде тој.

    Според „Еуростат“, инфлацијата во Белгија во октомври изнесувала 5,2 отсто. Оваа агенција на ЕУ користи поинаков метод на пресметка од белгискиот завод за статистика, „Статбел“ (Statbel), кој минатата недела објави стапка на инфлација од 5,26 отсто.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично