ПОВЕЌЕ

    Лажни профити, реални загуби: Македонија дел од меѓународна истрага за инвестициска измама

    Време зa читање: 3 минути

    Македонските истражни органи се вклучени во меѓународна операција против мрежа за онлајн инвестициски измами, во која потенцијални жртви се идентификувани во повеќе од 50 држави, а досега утврдената штета надминува 4 милиони евра.

    Во координираната акција, спроведена со поддршка на Европравда и Европол, се уапсени седум осомничени, извршени се претреси на 17 локации, а запленети се повеќе од 100 сервери, електронски докази и други средства поврзани со криминалните активности.

    Македонија во операцијата учествува преку Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност. Во истрагата се вклучени Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел и Косово.

    Лажни платформи, фиктивни добивки и притисок за нови уплати – Според Европравда, мрежата користела навидум легитимни платформи за онлајн тргување за да ги убеди жртвите да уплаќаат пари. На граѓаните им биле нудени можности за брза и висока заработка преку тргување со криптовалути, девизи и акции. На почетокот од нив се барало да вложат релативно мал износ, по што на нивните профили им биле прикажувани наводни добивки.

    Фиктивните приноси, всушност, се користеле како мамка. Тие требало да создадат впечаток дека инвестицијата е успешна и платформата е сигурна.

    Во наредната етапа, лицата кои се претставувале како брокери вршеле психолошки притисок врз жртвите да вложуваат сè поголеми суми. Кога инвеститорите ќе побарале да ги повлечат парите или „заработката“, започнувале одложувања, оправдувања и блокирање на исплатата, сè додека комуникацијата целосно не престанела.

    Жртвите ги наоѓале и преку реклами – Европол открива уште еден важен дел од шемата, а тоа е начинот на кој жртвите биле привлекувани. Криминалната мрежа користела и affiliate marketing, односно онлајн реклами преку кои потенцијалните инвеститори биле насочувани кон лажните платформи. Податоците што граѓаните ги оставале преку тие канали, според истрагата, биле продавани или предавани на криминални групи што управувале со повикувачки центри. Оттаму започнувале телефонските контакти и убедувањето за вложување.

    Истрагата почнала од германска двојка – Целата истрага започнала уште во 2022 година, кога германска двојка пријавила дека ги вложила своите заштеди преку онлајн платформа, но подоцна не можела да ја повлече наводната добивка. Тој случај довел до откривање многу поширока меѓународна мрежа.

    Во првата координирана акција биле уапсени две лица и биле обезбедени бројни докази. Анализата на материјалите потоа довела до идентификација на повеќемина осомничени, меѓу кои и раководители на повикувачки центри.

    Подоцна уследила уште една операција во 2025 година, а токму доказите собрани тогаш го отвориле патот до најновата акција.

    „Криминал како услуга“ – Во текот на истрагата е дојдено до компанија поврзана со Кипар и Израел, за која постои сомнение дека функционирала по моделот „crime-as-a-service“.

    Според Европравда, компанијата на различни криминални групи им обезбедувала готова инфраструктура – лажни веб-страници и платформи преку кои можеле да се спроведуваат инвестициските измами.

    Истражителите идентификувале и осомничени клиенти на оваа компанија во Албанија, Косово и Македонија, за кои постои сомнение дека управувале со лажни повикувачки центри.

    Повеќе од 100 сервери запленети – Последната операција била насочена и кон самата техничка инфраструктура. Серверите, како и други електронски докази и средства, се запленети при претреси извршени на 17 локации. Седум лица се уапсени со цел нивно предавање или екстрадиција во Германија.

    Европравда ја координира судската соработка од своето седиште во Хаг, вклучително и европски истражни налози, налози за апсење и замрзнување средства. Европол, пак, обезбедува аналитичка и форензичка поддршка и проверка на податоците низ своите бази.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично