Досега возраста на членот немаше директно влијание врз инвестициската стратегија на неговата пензиска заштеда. Со новиот модел, помладите би можеле да преземат поголем пазарен ризик за потенцијално повисок принос, додека со приближувањето кон пензија средствата би се преместувале кон посигурни инвестиции
Создавање три различни портфолија – растечко, балансирано и конзервативно, со различно ниво на ризик, принос и структура на вложувањата носат измените и дополнувањата предложени за Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Предлог законот е во собраниска процедура.
Суштината е ризикот да се приспособува на возраста. Помладите членови би можеле да имаат поголема изложеност на поризични инструменти и поголем потенцијал за принос, а со приближувањето кон пензионирањето средствата постепено би се насочувале кон посигурни и поликвидни инвестиции.
Во образложението се посочува дека сегашниот модел има слабост: едно пензиско друштво управува со еден задолжителен фонд со една инвестициска стратегија за сите членови, без оглед на возраста и времето што им останува до пензија. Според предлагачот, тоа не овозможува доволно приспособување на ризикот – постарите членови се поизложени на пазарни потреси, а кај помладите е ограничена можноста за повисок долгорочен принос.
Предлогот воведува јасни старосни правила. Членовите до 45 години ќе можат да изберат растечко или балансирано портфолио. Оние од 45 до 57 години ќе имаат најширок избор – растечко, балансирано или конзервативно. Членовите над 57 години ќе можат да избираат само меѓу балансирано и конзервативно портфолио.
Растечкото портфолио е дефинирано како долгорочна стратегија со повисок ризик и повисок очекуван принос. Балансираното е со умерен ризик и умерен принос, додека конзервативното е насочено кон низок ризик, понизок принос и висока ликвидност.
Ако членот не избере – возраста ќе одлучи – Изборот нема да биде целосно препуштен на членот. Ако осигуреникот не избере портфолио или избере нешто што не е дозволено за неговата возраст, друштвото автоматски ќе го распореди.
До 45 години распределбата ќе биде во растечко портфолио, од 45 до 57 години во балансирано, а над 57 години во конзервативно портфолио. Истото правило ќе се применува и за постојните членови кога системот ќе почне да функционира.
Всушност, со тоа треба да се креира систем во кој ризикот постепено се намалува како што членот се приближува до пензионирање.
Портфолиото ќе може да се менува еднаш годишно – Предлогот дава и право на промена. Член на задолжителен пензиски фонд ќе може еднаш во една календарска година да избере друг вид портфолио, но повторно само во границите што ги дозволува неговата возраст.
Пензиското друштво ќе мора однапред да го извести членот кога се приближува до возраста во која се менуваат правилата за избор. Ако членот не реагира, ќе следува автоматско префрлање во соодветното портфолио.
Растечкото портфолио ќе може повеќе да инвестира во акции – Најголемите разлики ќе се гледаат во структурата на вложувањата. Кај растечкото портфолио, од 40 до 90 проценти од средствата ќе може да бидат вложени во категории што опфаќаат акции и инвестициски фондови, а до 70 проценти ќе може да се инвестираат во инструменти на странски издавачи.
Кај балансираното портфолио изложеноста е помала – од 20 до 70 проценти во таквите инструменти, а максималното вложување кај странски издавачи е 50 проценти.
Кај конзервативното портфолио, акцентот е на посигурни инструменти. Во акции и слични поризични категории ќе може да се вложат најмногу 15 проценти, а најголем дел од средствата може да бидат насочени кон обврзници, депозити и други инструменти со понизок ризик.
Тоа значи дека помлад член потенцијално ќе има поголема изложеност на берзите и на странските пазари, а член кој е пред пензија ќе има многу поконзервативна структура на заштедата
Се менува и рамката за надоместоците – Максималниот надомест од секој уплатен придонес останува до 1,5 проценти, но кај конзервативното портфолио не ќе може да биде повисок од 0,5 проценти. Месечниот надомест од нето-средствата ќе може да биде најмногу 0,03 проценти, а кај конзервативното портфолио најмногу 0,01 проценти.
Видовите надоместоци и начинот на нивното наплатување во основа остануваат исти, но се прави разлика според типот на портфолиото.
Програмирано повлекување, конзервативно портфолио – Кога пензиониран член ќе избере исплата на пензијата преку програмирани повлекувања, неговите средства задолжително ќе бидат распределени во конзервативно портфолио. Притоа ќе треба да се води сметка за датумите и висината на исплатите и за ликвидноста на средствата. На тој начин се води сметка средствата од кои веќе се исплаќа пензија да не бидат изложени на висок пазарен ризик.
Повеќе обврски и за пензиските друштва – Со три портфолија наместо едно значително се усложнува и работата на пензиските друштва и на МАПАС.
Друштвата ќе треба да имаат посебна инвестициска стратегија за секое портфолио, одделно да ги водат средствата и сметководствените единици, да го пресметуваат приносот за секое портфолио и одделно да ги информираат членовите.
И внатрешната ревизија ќе треба да го оценува управувањето со секое портфолио и начинот на распределба на членовите. Засилени обврски добива и чуварот на имот, кој треба одделно да ги следи средствата, пресметките и усогласеноста на секое портфолио со законските инвестициски ограничувања.
Промените нема да почнат веднаш – Постојните пензиски друштва ќе имаат 24 месеци да го усогласат работењето и во тој период ќе треба да достават инвестициски стратегии за трите портфолија до Агенцијата. За усогласување со новите инвестициски ограничувања се предвидува дополнителен рок од 18 месеци од распределбата на членовите по портфолија.
Најголемиот дел од одредбите поврзани со трите портфолија ќе почнат да се применуваат две години по влегувањето на законот во сила. Подзаконските акти, пак, треба да бидат донесени во рок од шест месеци.
Целта е подобро да се усогласат ризикот и времетраењето на инвестирањето, да се заштитат веќе акумулираните средства на повозрасните членови и да се отвори поголем простор за принос кај помладите.
Аналитика








