Тие се дигитално поврзани, креативни и одлучни: младите луѓе ширум светот протестираат против корупцијата, нееднаквоста и злоупотребата на моќта. Од Белград, каде што студентското движење ја победи долгогодишната власт на избори, до Париз, Рим, Брисел и Берлин, Европа се соочува со бран младински протести каков што одамна не видела. Причините се различни – недостапни станови, ниски плати, скапо образование, корупција и незадоволство од политичките елити. Но, зад сите нив се наѕира исто прашање: дали денешните млади Европејци имаат реални изгледи да живеат подобро од своите родители? Со слаб економски раст, скапи енергенси, зголемени трошоци за одбрана и ограничени јавни буџети, одговорот на тоа прашање станува сè посложен.
Протестниот бран што ја зафати Европа продолжува и денес, на 31 октомври,за кога во Германија се најавени демонстрации во 34 градови, меѓу кои Берлин, Минхен и Франкфурт. Организаторите од младинската иницијатива „Gen Z regelt“ очекуваат повеќе од 160.000 учесници ширум Германија во сабота да се приклучат на демонстрациите. Движење предводено од млади, инспирирано од протести во други делови на Европа, излегува на улиците барајќи подобро образование и пониски трошоци за живот. Овие протести се надоврзуваат на бранот демонстрации предводени од припадници на „Генерацијата Z“ низ Европа оваа година.
Младите Германци бараат повеќе вложувања во образованието, подобри јавни услуги, подостапен живот и откажување од задолжителната воена служба. Дел од нив се противат на зголемувањето на воените расходи во услови кога училиштата и универзитетите се соочуваат со недоволни средства.
Германските власти најавија зголемени безбедносни мерки, но организаторите се оградија од насилството. Истовремено, дел од студентските организации изразија резерви за транспарентноста на организациската структура на протестното движење.
Во Франција, во меѓувреме, се очекува трет последователен викенд на масовни протести, откако на 17 октомври, според полициските проценки, на улиците излегоа околу 550.000 луѓе, а една недела подоцна околу 410.000. Француските власти за 31 октомври најавија распоредување на околу 70.000 полицајци и жандарми.
Само еден ден претходно, на 30 октомври, десетици илјади студенти и работници демонстрираа во повеќе од 40 италијански градови, барајќи повисоки плати и поголеми вложувања во јавните услуги.
Слични движења, со различен интензитет, се појавуваат во Белгија, Австрија, Грција, Шпанија, Португалија и Албанија. Заеднички им е значајното учество на младите, кои преку социјалните мрежи брзо ги поврзуваат локалните проблеми со пошироките европски движења.
Но, ова не е единствена организација со заедничко раководство, политичка програма или идеологија. Под називот генерација Z, кој приближно ги опфаќа родените меѓу 1997 и 2012 година, се обединуваат многу различни социјални и политички барања.
СРБИЈА: ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО НОВИ САД ДО ПОРАЗОТ НА ВУЧИЌ
Најзначајниот политички резултат на студентското движење во Европа во последниот период се случи во Србија.
На вонредните парламентарни избори од 25 октомври 2026 година, Студентската листа ја победи коалицијата предводена од Српската напредна странка на Александар Вучиќ. Со тоа протестното движење, кое речиси две години бараше одговорност од институциите, доби можност своите барања да ги претвори во конкретни политички промени.
Сè започна на 1 ноември 2024 година, кога при уривање на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 луѓе. Несреќата предизвика масовно незадоволство и прашања за квалитетот на градежните работи, јавните набавки, надзорот и евентуалната корупција.
Студентите организираа блокади на факултетите, масовни собири и маршеви, инсистирајќи на објавување документација и утврдување одговорност. Движењето постепено ја надмина првичната причина за протестите и прерасна во пошироко барање за функционирање на институциите и владеење на правото.
Изборната победа претставува важен пресврт, но отвора и нов предизвик: дали движење организирано околу протест и отпор може успешно да премине кон управување со државата, јавните финансии и економските проблеми?
Токму ова прашање ќе биде еден од најважните тестови за студентското движење во наредниот период.
ФРАНЦИЈА: ПРОТЕСТИТЕ ЗА ПОДОБРО ШКОЛСТВО ПРЕРАСНАА ВО СИЛЕН БУНТ
Францускиот протестен бран започна кон крајот на септември од средношколците, кои се жалеа на недостиг од наставници, пренатрупани паралелки, оштетени училишни објекти и лоши услови за настава.
Незадоволството брзо се прошири и на студентите, синдикатите и други граѓански организации. Барањата веќе не се однесуваат само на образованието, туку и на платите, инфлацијата, јавните услуги и распределбата на буџетските средства.
Во текот на октомври дел од демонстрациите прераснаа во судири со полицијата, уништување имот и грабежи. Сепак, важно е насилните инциденти да не се изедначуваат со сите учесници и организатори на протестите.
Слична динамика има и во Белгија, каде што младите бараат подобри услови во образованието и се противат на намалувањата на јавните расходи. Во Брисел на 9 и 24 октомври имаше демонстрации и судири со полицијата, додека во пошироките синдикални протести учествуваа и вработени од различни сектори.
Зад овие настани стои и посериозен меѓугенерациски судир околу буџетските приоритети. Младите бараат вложувања во образование, домување и идни работни места, додека државите истовремено мора да финансираат пензии, здравство, отплата на долгови и сè повисоки одбранбени трошоци.
Ова не значи дека интересите на младите и постарите нужно се спротивставени, но ограничените буџетски средства ја прават распределбата на товарот сè почувствително политичко прашање.
ШПАНИЈА И ПОРТУГАЛИЈА: РАБОТАТ, А НЕ МОЖАТ ДА СИ ДОЗВОЛАТ СВОЈ ДОМ
Во Шпанија и Португалија, домувањето е една од најважните причини за младинското незадоволство.
На 26 септември десетици илјади луѓе протестираа во Мадрид по иселувањето на 87-годишна жена од нејзиниот долгогодишен дом. Настанот стана симбол на многу поширокиот проблем со високите кирии, недостигот од достапни станови и зголеменото влијание на инвестициските фондови на пазарот на недвижности.
Дел од демонстрантите поставија шатори на плоштадот Пуерта дел Сол, повторно оживувајќи ја симболиката на протестното движење од 2011 година.
Во Португалија, во текот на октомври се одржаа повеќе масовни протести против растот на цените на недвижностите, ниските плати и трошоците за живот. На 17 октомври десетици илјади луѓе демонстрираа во Лисабон, а полицијата подоцна отстрани протестен камп во центарот на градот.
Овде се гледа една од најголемите противречности на современата европска економија: растот на вредноста на недвижностите го зголемува богатството на сопствениците, но истовремено го отежнува пристапот до домување за младите што допрва треба да создадат сопствено домаќинство.
За генерацијата Z, стабилното вработување повеќе не е сигурна гаранција за економска самостојност.
ИТАЛИЈА, АВСТРИЈА ГРЦИЈА: СКАП ЖИВОТ, СКАПО ОБРАЗОВАНИЕ
Во Италија, студентите протестираат поради условите во училиштата и универзитетите, ниските примања и ограничените можности за вработување. Протестите од 30 октомври добија и поширока синдикална поддршка, со барања за повисоки плати, подобро здравство и образование и критики за зголеменото трошење на вооружување.
Во Австрија, пак, причината е директно поврзана со државниот буџет.
На 22 октомври десетици илјади студенти, универзитетски професори и вработени протестираа во Виена поради планираното финансирање на универзитетите за периодот од 2028 до 2030 година. Универзитетските организации предупредуваат дека, поради инфлацијата и дополнителните обврски, предложените средства претставуваат реално намалување од околу десет проценти.
Во Грција, на 21 октомври илјадници студенти и наставници протестираа поради високите трошоци за живот, скапото студентско домување и недоволните вложувања во образованието.
Во сите три земји, младите ја доведуваат во прашање економската логика според која образованието треба да создава поквалификувана работна сила, додека условите за стекнување знаење и започнување самостоен живот стануваат сè потешки.
АЛБАНИЈА: МЛАДИНАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА
Албанија е еден од најизразените примери за протест што од економски барања се претвора во политичко незадоволство.
Во октомври студентските протести против високите трошоци за образование, ограничените можности за работа и сомневањата за корупција се проширија од Тирана во други градови.
На 14 октомври, а потоа повторно на 24 октомври, дел од демонстрациите прераснаа во насилни судири, при што беа оштетени владини објекти, банки и приватен имот. Полицијата употреби солзавец и водени топови.
Демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама, кој ги отфрла таквите барања.
Но, зад политичките пароли стои и еден подлабок социјален проблем. Младите во земјата често ја опишуваат емиграцијата како најреална можност за професионален и материјален напредок.
Кога образованието не гарантира праведна конкуренција на пазарот на трудот, а дел од младите сметаат дека личните и политичките врски имаат поголема тежина од способноста, незадоволството станува системско.
ВО БУГАРИЈА ПРОТЕСТИТЕ ЛАНИ ЈА БУТНАА ВЛАДАТА
Дел од денешниот бран има свои претходници во протестите од 2025 година.
Во Бугарија, масовните демонстрации против предлог-буџетот за 2026 година и корупцијата, со силно учество на младите, доведоа до оставка на владата на Росен Жељазков на 11 декември 2025 година.
Првичното незадоволство од даночните и буџетските мерки прерасна во пошироко барање за политичка одговорност и намалување на влијанието на неформалните центри на моќ.
Во Грузија, младите имаат важна улога во протестите против оддалечувањето на земјата од европската интеграција и ограничувањата на демократските слободи. Протестите започнати кон крајот на 2024 година продолжија и во 2026 година, а на 25 октомври во Тбилиси повторно се одржаа опозициски демонстрации.
Во Турција, студентите беа меѓу најактивните учесници во масовните протести по апсењето на истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу во март 2025 година. Протестите отворија прашања за судската независност, политичката конкуренција и слободата на собирање. Постапките против дел од младите демонстранти продолжија и во 2026 година.
Овие примери покажуваат дека генерациското незадоволство не е исклучиво економско. Во земјите каде што довербата во институциите е ниска, прашањата за корупцијата и демократските права можат да станат подеднакво силен двигател на протестите.
Аналитика








