Од зачадените тунели на викторијански Лондон до елегантните станици во Будимпешта и Париз, подземните железници повеќе од еден и пол век го менуваат изгледот и ритамот на големите градови. Некои почнале со парни локомотиви, други со вагони влечени со челични јажиња, а трети уште од првиот ден ја користеле електричната енергија. Денес, тие се не само превозно средство, туку и живи споменици на инженерството, архитектурата и урбаната историја.
Пред повеќе од 160 години, кога улиците на големите европски градови биле преполни со коњски запреги, пешаци и трговци, се појавила идеја што за многумина изгледала речиси невозможна: возовите да се движат под градските улици, низ тунели скриени од секојдневниот метеж.
Таа замисла прв ја остварил Лондон во 1863 година. Но, вистинската револуција допрва следувала. Во следните децении подземните железници се прошириле низ Европа и Америка, овозможувајќи раст на градовите во размери што претходно биле незамисливи.
ИСТАНБУЛ БИЛ ВТОР СПОРЕД ИНОВАТИВНО СООБРАЌАЈНО РЕШЕНИЕ
Иако не може да се подведе под истата дефиниција за подземна железница бидејќи, место хоризонтално, оди – вертикално, но само 12 години по лондонското метро, во 1975 во Истанбул бил довршен и пуштен во употреба подземен фуникулар, кој поврзувал две прометни точки во градот, кои биле со различна висина, таканаречениот Тинел (Tünel). Овој фуникулар со гумени тркала во Истанбул, Турција има две станици и ги поврзува Караќој и Бејоглу. Тунелот се искачува нагоре, почнувајќи од близина на местото каде што Златниот Рог се влева во Босфорот, и е долг околу 573 метри.
Денес некои од тие први линии сè уште превезуваат патници, минувајќи низ станици стари повеќе од еден век. Зад нивните ѕидови се кријат приказни за смели инженери, необични изуми, големи финансиски вложувања и технологии што засекогаш го промениле градскиот живот.
1. Лондон – местото каде што сè започнало во 1863 година
Кога на 10 јануари 1863 година првите патници влегле во подземните вагони на лондонската железница, тие не можеле да претпостават дека се сведоци на раѓањето на еден од најважните изуми во историјата на градскиот транспорт.
Првата линија, наречена Metropolitan Railway, била долга околу шест километри и ги поврзувала Paddington и Farringdon Street. Била изградена за да го намали сообраќајниот метеж во британската престолнина, која во тоа време се развивала во светски индустриски и финансиски центар.
Но, првите возови не биле електрични. Нив ги влечеле парни локомотиви, што значело дека патниците патувале низ тунели исполнети со чад, пареа и мирис на јаглен. И покрај непријатностите, новиот превоз бил доживеан како извонреден технолошки напредок.
Изградбата била исто толку необична колку и самиот проект. Работниците ги раскопувале улиците, поставувале шини на дното на ископаните ровови, а потоа над нив граделе сводови и повторно ги обновувале улиците. Овој метод, познат како cut-and-cover, овозможил создавање подземни тунели без современи машини за длабоко дупчење.
Во 1890 година Лондон го добил и првиот длабок електричен подземен железнички систем во светот, City and South London Railway. Електрификацијата ја отстранила потребата од парни локомотиви и овозможила изградба на подлабоки и подолги тунели.
Токму од карактеристичната цилиндрична форма на лондонските тунели произлегува и популарниот назив The Tube – цевката, како што жителите и денес го нарекуваат своето метро.
Повеќе од век и половина подоцна, лондонската подземна железница останува симбол на градот, рамо до рамо со двокатните црвени автобуси, Биг Бен и мостот Тауер.
2. Будимпешта – подземната железница изградена за роденденот на една држава, 1896

Будимпешта влегла во историјата на транспортот на 2 мај 1896 година, кога ја отворила првата подземна железница на европското копно изградена за електричен погон.
Причината за изградбата била особено свечена: Унгарија одбележувала илјада години од доселувањето на Унгарците во Карпатскиот Басен. За прославата биле подготвувани изложби, нови булевари, паркови и монументални градби, а под земјата се градел и проект што требало да ја претстави земјата како модерна европска држава.
Новата линија, позната како Милениумска подземна железница, била изградена под прочуениот булевар Андраши, една од најубавите улици во Будимпешта.
Во тоа време градските власти не сакале нова надземна железница да го наруши изгледот на булеварот. Решението било превозот да се префрли под улицата, на релативно мала длабочина.
За разлика од првите лондонски возови, унгарските вагони уште од почетокот биле електрични. Тоа било исклучителна предност во период кога европските градови сè уште во голема мера зависеле од пареата и коњските запреги.
Неколку дена по отворањето, по линијата патувал и австроунгарскиот император Франц Јозеф, што дополнително го зацврстило престижот на новата железница.
Интересно е што Будимпешта и денес го користи историскиот коридор на линијата М1, позната меѓу жителите и како „малото метро“. Таа е дел од културното наследство опфатено со заштитата на УНЕСКО.
Во мај 2026 година линијата одбележа 130 години од отворањето, а се подготвуваат нови проекти за нејзина обнова.
3. Глазгов – метро што повеќе од еден век се врти во круг, 1896
На 14 декември 1896 година, само неколку месеци по Будимпешта, и Глазгов добил подземна железница. Но, шкотскиот град избрал решение што и денес го прави неговото метро единствено.
Наместо разгранета мрежа со линии што се вкрстуваат, инженерите изградиле кружна железница долга околу 10,5 километри, со 15 станици. Возовите се движеле во две насоки по затворен круг, овозможувајќи патниците да стигнат до својата дестинација без потреба од менување линии.
Ниту возовите биле класични електрични композиции. Во почетокот ги влечеле челични јажиња поврзани со стационарни парни машини. Системот бил механички необичен и инженерски амбициозен, но овозможувал движење на повеќе возови низ тесните подземни тунели.
Дури во 1935 година железницата преминала на електричен погон.
Подоцна, поради карактеристичната портокалова боја на возовите и кружната маршрута, метрото го добило прекарот Clockwork Orange, по насловот на познатиот филм и роман „Пеколен портокал“.
Најнеобично е што основната кружна траса речиси не се променила од отворањето во 1896 година. Додека другите светски метро-мрежи постојано се проширувале, Глазгов останал верен на својот првичен концепт.
За жителите тоа значи практичен превоз, а за туристите можност да се возат по една од најстарите подземни линии во светот, чија геометрија преживеала повеќе од 130 години.
4. Бостон – првата американска подземна железница почнала како решение за трамвајскиот метеж, 1897
Американската историја на подземниот транспорт не започнала во Њујорк, како што често се претпоставува, туку во Бостон.
На 1 септември 1897 година таму била отворена Tremont Street Subway, првата подземна градска железничка траса во Соединетите Американски Држави.
Причината не била потребата од големи железнички композиции, туку хаосот што го создавале трамваите на улиците. Во центарот на Бостон се вкрстувале толку многу линии што сообраќајот станувал сè побавен и понепредвидлив.
Затоа инженерите одлучиле дел од постојниот трамвајски сообраќај да го префрлат под земја.
Првата делница била долга околу 800 метри и го поврзувала подрачјето на Public Garden со Park Street. Трамваите патувале по подземната траса за само три до четири минути.
Реакцијата на граѓаните била спектакуларна. Според американското Биро за попис, на денот на отворањето повеќе од 100.000 луѓе платиле по пет центи за да се провозат низ новиот тунел.
Така, подземната железница станала вистинска градска атракција. Луѓето не купувале билети само затоа што морале да патуваат, туку и затоа што сакале лично да го доживеат технолошкото чудо.
Бостон подоцна изградил поширок систем на брз градски превоз, но делови од првичната подземна инфраструктура останале поврзани со денешната Зелена линија.
Историската особеност на Бостон е што неговиот прв систем бил подземна трамвајска линија, а не класично метро со тешки железнички композиции.
5. Париз – метрото направено за Светската изложба, 1900

Париското метро е едно од најпознатите во светот, а неговата изградба била тесно поврзана со еден од најголемите меѓународни настани на почетокот на XX век – Светската изложба во Париз во 1900 година.
Француската престолнина сакала пред милионите посетители да се претстави како модерен град, способен да ги спои уметноста, архитектурата и најновите технологии.
На 19 јули 1900 година била отворена првата линија, која ги поврзувала Porte Maillot и Porte de Vincennes. Во почетокот имала само осум станици во функција, а останатите биле отворани во следните недели.
Успехот бил непосреден. Во првата година метрото превезло околу 17 милиони патници, овозможувајќи преминување на голем дел од градот за приближно половина час.
Париското метро станало препознатливо не само по возовите, туку и по својот архитектонски идентитет. Влезовите во стилот ар нуво, проектирани од Ектор Гимар, со препознатливите обликувани железни конструкции, станале еден од симболите на Париз.
Особено впечатлива е трансформацијата на првата линија. Она што започнало како технолошка новина пред 126 години, денес функционира како целосно автоматизирана метро-линија без класични машиновозачи. Нејзината автоматизација била целосно завршена во 2013 година.
Париз така успеал да го спои историското наследство со модерната технологија – под улиците по кои некогаш се движеле коњски запреги, денес сообраќаат автоматизирани возови.
6. Берлин – 1902 година: Почеток на германското метро

Првата линија на берлинскиот U-Bahn била отворена на 15 февруари 1902 година, поврзувајќи ги подрачјата на Потсдамер плац и Штралауер Тор. Интересно е што значителен дел од првичната траса се движел по надземни вијадукти, додека само одредени делови биле под земја – иако денес берлинското метро е најпознато токму по своите подземни линии.
7. Њујорк – 1904 година: Градот што никогаш не спие доби метро што го следи неговиот ритам

Њујоршкото метро официјално било отворено на 27 октомври 1904 година, со 28 станици, а на првото свечено возење со возот управувал лично градоначалникот Џорџ Меклелан. Во првата вечер повеќе од 110.000 патници се провозеле низ новиот систем, кој со текот на времето прераснал во една од најголемите метро-мрежи во светот.
8. Филаделфија – 1907 година: Метрото што од подземните тунели се искачувало над градските улици
На 4 март 1907 година, Филаделфија ја отворила својата прва линија за брз градски железнички превоз, позната како Market Street Subway-Elevated, која на необичен начин комбинирала подземни тунели и надземни железнички конструкции. Првите возови ги поврзувале градското собрание и станицата 69th Street, на траса долга приближно десет километри, а патниците во еден дел патувале под земја, додека во друг се движеле високо над улиците. Особено интересни биле првите вагони, изградени од челик, со ентериер украсен со махагони и седишта од плетена трска, а вратите се отворале и затворале со компримиран воздух. До 1908 година линијата била проширена кон реката Делавер, а нејзиниот наследник, денешната Market–Frankford Line, останува еден од најважните столбови на јавниот превоз во Филаделфија.
9. Хамбург – 1912 година: Подземна и надземна железница во едно

Хамбург ја отворил својата прва градска железница од типот U-Bahn на 15 февруари 1912 година, а редовниот сообраќај започнал во март. Првичната кружна линија комбинирала тунели и надземни делници, а уште во првата година превезла речиси 25 милиони патници.
10. Буенос Аирес – 1913 година: Првото метро во Латинска Америка

На 1 декември 1913 година Буенос Аирес ја отворил линијата А, со што станал првиот град во Латинска Америка со подземно метро. Особено необично е што старите вагони со дрвени елементи, произведени од белгиската компанија La Brugeoise, останале во редовна употреба до јануари 2013 година – речиси еден век по пуштањето во сообраќај.
Денес новите метро-системи користат автоматизирани возови, дигитална сигнализација и технологии за намалување на потрошувачката на енергија. Но, основната идеја останува речиси непроменета од 1863 година: под земјата да се ослободи простор за движење на луѓето, а над неа – простор за живот на градот.
(Фото: mattbuck)
Аналитика








