Европската централна банка најверојатно ќе ги задржи каматните стапки непроменети на претстојниот состанок, бидејќи економијата на еврозоната покажува знаци на забавување, додека високите цени на енергијата и финансиската нестабилност продолжуваат да создаваат притисоци, тврди Блумберг.
Европската централна банка (ЕЦБ) се очекува да ја задржи депозитната каматна стапка на 2,5 проценти на состанокот во четврток, 29 октомври, одложувајќи го следното зголемување најверојатно за декември. Причината е слабеењето на економската активност во еврозоната, во услови на висока инфлација и растечки трошоци за задолжување.
Според анкетата на „Блумберг“, економскиот раст во третиот квартал веројатно забавил на 0,2 проценти, од 0,6 проценти во второто тримесечје, кога резултатот беше значително подобрен од силниот раст во Ирска. Официјалните податоци се очекуваат во петок.
Европската економија досега покажуваше релативна отпорност на енергетските потреси предизвикани од војната со Иран, но последните показатели упатуваат на намалување на деловната активност.
Дополнителни ризици создава Франција, каде што протестите, политичката нестабилност и загриженоста за јавните финансии ги зголемија трошоците за задолжување. Разликата меѓу приносите на француските и германските десетгодишни обврзници достигна нивоа невидени од европската должничка криза.
Германија, најголемата економија во еврозоната, покажува одредено закрепнување благодарение на зголемената јавна потрошувачка. Сепак, Бундесбанк проценува дека економската активност во третиот квартал стагнирала.
Инфлацијата останува главен предизвик за ЕЦБ, со очекувања дека до крајот на годината може да достигне четири проценти. Сепак, октомвриските показатели не упатуваат на јасно забрзување на ценовниот раст во четирите најголеми економии на еврозоната.
Аналитичарите предупредуваат и на можни нови енергетски проблеми. Од „Морган Стенли“ посочуваат дека ниските резерви на гас во Германија, во случај на студена зима, би можеле да предизвикаат потреба од ограничување на потрошувачката.
Истовремено, повисоките приноси на државните обврзници дополнително ги заоструваат финансиските услови. Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, предупреди дека поскапото задолжување ќе го забави економскиот раст, но може и да го ограничи пренесувањето на високите енергетски трошоци врз останатите цени.
Според аналитичарите на „Банка на Америка“, ЕЦБ ќе мора да посвети поголемо внимание на ризиците за економскиот раст, наместо исклучиво на инфлацијата.
Пред европските монетарни власти останува сложена одлука – како да ја ограничат инфлацијата без дополнително да ја ослабат економијата, која веќе се соочува со високи енергетски трошоци, политичка неизвесност и поскапо финансирање.
Аналитика








