
Македонија подготвува национален систем за инстант плаќања, кој треба да овозможи побрз пренос на пари во земјава, а во следната фаза и прекугранични плаќања во реално време. Проектот, кој има поддршка од Светската банка, предвидува поврзување со платните системи на земјите од Западен Балкан и интеграција со ТИПС – системот на Европската централна банка за порамнување инстант плаќања.
Ова било во фокусот на средбите на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор за Конституенцата во која членува Македонија, Јуџин Ругенат, одржани во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Групацијата на Светската банка.
Воспоставувањето национална платформа за инстант плаќања е еден од приоритетите на Народната банка, по приклучувањето на Македонија кон Единствената област за плаќања во евра – СЕПА. Според гувернерот Славески, една година по приклучувањето, СЕПА станала водечки канал за извршување и примање прекугранични плаќања во евра, со конкретни придобивки за граѓаните и компаниите.

Новата платформа ќе се заснова врз моделот на европскиот систем ТИПС. По нејзиното воведување на домашниот пазар, следниот чекор ќе биде регионалното поврзување, со што ќе се создадат услови за инстант трансфери и преку границите. Ваквото решение треба да ја зголеми ефикасноста на плаќањата и да ги олесни финансиските трансакции со регионалните и европските партнери.
На средбите се разговарало и за усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди, како и за продолжување на техничката поддршка од Светската банка. Соработката опфаќа проекти за зајакнување на финансиската стабилност, унапредување на банкарската супервизија, развој на макропрудентните политики и подобрување на управувањето со ризиците.
Од Народната банка посочуваат дека партнерството со Светската банка останува значајно за модернизацијата на финансискиот систем и неговото понатамошно интегрирање во европската платежна инфраструктура.
Аналитика








