ПОВЕЌЕ

    КИНЕСКИ ХАКЕРИ СЕ ПРЕТСТАВУВАЛЕ КАКО АМЕРИКАНСКИ ФУНКЦИОНЕР, се обиделе да украдат лозинки од експерти за вештачка интелигенција

    Време зa читање: 3 минути

    Кинески хакери се претставувале како американски експерти за вештачка интелигенција (ВИ), вклучително и како поранешен владин функционер, во обид да украдат електронски пораки од експерти за оваа област во истражувачки центри, универзитети и други организации, соопшти во четвртокот компанијата за сајбер-безбедност „Proofpoint“.

    Како што објави Ројтерс, во својот извештај, „Proofpoint“ наведе дека ги следела хакерите – кои ги означува како „TA419“ – како редовно се обидуваат да украдат лозинки од лица вработени во американски или јапонски истражувачки центри, компании што работат за одбранбениот сектор, универзитети и адвокатски канцеларии.

    „Proofpoint“ ги припиша овие хакерски активности на кинеската група врз основа на видовите малициозен софтвер што ги користела групата, интернет-инфраструктурата употребена за изведување на нападите и целите на кои групата се фокусирала, а кои се совпаѓаат со приоритетите на кинеските разузнавачки служби за собирање информации.

    Од „Proofpoint“ изјавија дека неодамнешната кампања на хакерите вклучувала пишување електронски пораки кои навидум доаѓале од експерти за вештачка интелигенција или за државна политика, вклучително и од Лин Паркер, која претходно работела како главен заменик-директор на Канцеларијата за наука и технолошка политика при Белата куќа. Според компанијата, во пораките обично се предлагале соработки или иницијативи поврзани со вештачката интелигенција, пред да се пренасочат примателите кон веб-страници дизајнирани за кражба на лозинки.

    Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар. Пекинг долго време негира дека спроведува операции за сајбер-шпионажа.

    Од „Proofpoint“ одбија да ги откријат имињата на целите на хакерите, наведувајќи само дека меѓу нив имало „експерти кои работат на регулатива за вештачка интелигенција, контроли на извозот и национална стратегија за вештачка интелигенција“.

    Ројтерс успеа самостојно да идентификува еден од нив: Алекс Енглер, поранешен функционер во Белата куќа, кој сега раководи со Центарот „Пен“ за медиуми, технологија и демократија.

    Енглер во средата изјави за Ројтерс дека добил е-порака што навидум доаѓала од Паркер, со покана „да се приклучи на нов проект за политики поврзани со вештачката интелигенција“. Сепак, тој рече дека пораката му делувала „малку чудно и нејасно“, а откако се консултирал со други лица од областа, сфатил дека има работа со измамник.

    Енглер изјави дека не може да шпекулира зошто некој би се обидел да го хакира, но од „Proofpoint“ посочија дека нивната анализа на таргетирањето – кое опфатило помалку од 10 лица ангажирани во неколку организации – укажува на „разузнавачки интерес за креирањето политики во САД, а не само на кражба на технологија“.

    Паркер изјави за Ројтерс дека Енглер бил еден од двајцата луѓе што на почетокот на јули добиле сомнителни пораки кои навидум доаѓале од неа. Таа додаде дека наводите за вмешаност на Кина имаат смисла. „Соединетите Држави и Кина се во конкуренција во областа на вештачката интелигенција“, рече Паркер.

    „Обидот да се натераат луѓе кои се занимаваат со политики за вештачка интелигенција да откријат информации за нивните планови во таа област – доколку навистина тоа било целта – воопшто не изненадува.“

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично