Државниот пазарен инспекторат во 2024 година извршил 28.263 инспекциски надзори со само 148 инспектори, иако со систематизацијата се предвидени 313 инспекторски работни места. Или, пополнети биле само 47 отсто од потребните позиции. Истовремено, системот „Е-инспектор“ не е целосно ставен во функција, нема единствена електронска база за проценка на ризик, а ревизорите предупредуваат и дека е неизвесно дали ќе продолжат лабораториските контроли на небезбедни производи по завршувањето на проектното финансирање.
Ова се дел од наодите на Државниот завод за ревизија, кој извршил ревизија на финансиските извештаи и на усогласеноста на работењето на ДПИ за 2024 година. Поради утврдените „состојби, неправилности и неусогласености во работењето на ДПИ и поради нивното значење е изразено неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики“.
Од вкупно 28.263 инспекциски надзори во текот на годината, 21.108 биле редовни, 5.106 вонредни, а 2.049 контролни.
Според ревизијата, недостигот од инспектори и тенденцијата на намалување на нивниот број влијаат врз можноста ДПИ да ги реализира планираните контроли и законските надлежности. Дополнително, пет одделенија немале раководител.
Во периодот од јануари до октомври 2024 година биле донесени 19 решенија за распоредување административни службеници на инспекторски работни места, иако за тоа немало обезбедени средства во буџетот и распоредувањата не биле предвидени во Годишниот план за вработување. Во декември истата таа година, 17 од овие решенија биле поништени, а вработените биле вратени на претходните позиции.
Ревизорите утврдиле дека регистрите и информацискиот систем за управување со инспекцискиот надзор сè уште не се воспоставени, а апликацијата „Е-инспектор“ не е ставена во целосна употреба.
„ДПИ не располага со единствена и целосна електронска база на податоци со вградена методологија за проценка на ризик, што го отежнува планирањето на инспекциските активности врз основа на ризик, како и следењето и управувањето со реализацијата на инспекциските надзори. Исто така, утврдено е дека евиденцијата на создадените и обезбедените документи во текот на инспекциската контрола е нецелосна, а не се врши соодветно следење на промените во законите и ажурирање на листите за проверка“, посочено е во ревизорскиот извештај.
Како системска слабост е издвоено и Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи. Од предвидените 14 работни места, на крајот од 2024 година биле пополнети само пет.
„Во периодот 2022–2025 година, за потврдување на квалитетот и безбедноста на одредени производи се вршеле земање примероци и лабораториски анализи во акредитирани лаборатории во странство, при што средствата биле обезбедени преку проектот GIZ, EU4 Business, реализиран во периодот 2022–2025 година, и проектот Regio Trade, кој се спроведува од 2025 до 2028 година. Со поддршка на ЦЕФТА е воспоставено и поврзување со IT систем за електронска размена на податоци за небезбедни производи меѓу земјите членки на ЦЕФТА.
Сепак, ревизијата предупредува дека е неизвесно дали ваквите контроли ќе продолжат по завршувањето на проектното финансирање, бидејќи буџетот на ДПИ е ограничен за континуирано лабораториско испитување во странство“, истакнуваат од ДЗР.
ДПИ нема ниту соодветни објекти за чување на предметите одземени при инспекциските надзори до нивното предавање во Агенцијата за управување со одземен имот, утврдила ревизијата. Бидејќи одземањето предмети е редовна практика, ревизорите оценуваат дека ова создава ризик од несоодветно чување, субјективно постапување и можни загуби со финансиски последици.
Неправилности се утврдени и во финансиското работење. Пописот на средствата и обврските не бил целосно спроведен, а не биле опфатени градежните објекти и нематеријалните средства. За утврдените кусоци и вишоци не биле дадени предлози за понатамошно постапување.
Во материјалната евиденција не биле заведени канцелариски материјали во вредност од 1,107 милиони денари, обрасци поврзани со инспекциски надзор од 791 илјада денари и автомобилски гуми од 249 илјади денари.
Ревизијата ја нотира и статусната промена на ДПИ, кој сега функционира како орган во состав на Министерството за економија и труд, без својство на правно лице.
За надминување на утврдените слабости, Државниот завод за ревизија препорачува зајакнување на човечките ресурси, целосна дигитализација и воспоставување електронски регистри, подобрување на финансиската и материјалната евиденција, обезбедување простор за одземените предмети и трајни услови за контрола на безбедноста на производите.
Аналитика








