ПОВЕЌЕ

    ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА БРОЈОТ НА ПРВАЧИЊА СЕ СТОПИ ЗА ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ТРЕТИНА: Лоши прогнози за идната работна сила

    Време зa читање: 4 минути

    Ако тргнеме од народната „Светот останува на младите“, прашањето што многу сериозно треба да се постави е: на кого ќе ја оставиме Македонија? Државата се празни, а еден од најдобрите индикатори е запишувањето на првачиња и средношколци. Тие се идната младина, идната работна сила, идниот потенцијал во секаква смисла – работна сила врз која ќе се потпира економијата, образованието, здравството, па и пензионерите. Сегашните првачиња ќе бидат новите создавачи на сите општествени активности за 20 години. Многу побрзо ќе видиме каков нов човечки потенцијал се создал од оние што првпат сега седнуваат во средношколските клупи. Се разбира, ако и тие не си заминат од земјава.

    Факт е дека се поразителни бројките на првиот училиштен ден. Запишани се 14.952 ученици во прво одделение, или 2.969 помалку отколку во учебната 2024/2025 година. Во прва година во средните училишта запишани се 16.932 ученици, или 1.622 помалку од ланската учебна година.

    Бројките не се конечни, дозволен е дополнителен упис до крајот на септември за некои ученици што од одредени причини не успеале да се запишат во редовниот рок, но тоа не може значајно да ги измени.

    Состојбата е уште покатастрофална ако се погледне трендот од изминатата деценија, што го анализира порталот Пари. Пред 10 години се запишале 23.266 првачиња, што значи дека сега ја почнавме учебната година со 35,7 насто помалку првачиња. Тоа е пад поголем од една третина во однос на запишаните првачиња во учебната 2016/2017 година!

    За средношколците, враќањето на бројката од пред 10 години не е толку драматична. Намалувањето е за 2,5 насто. Дури, претходниве две учебни години имало и раст, но годинава е значајно полоша од ланската.

    ШТО СЕ СЛУЧИЛО ПРЕД 6 ГОДИНИ?

    Драматичен пад има кај бројот на ученици во прво одделение во оваа учебна година во однос на претходната. Процентуално, ваков пад немало во изминативе 10 години. Оваа учебна година, во однос на претходната, во училишните клупи седнале 16,6 насто помалку првачиња.

    Но, ова не е проблем што се случил од лани досега. Ова е проблем што реално се случил пред 6 години, кога практично за толку проценти се намалил наталитетот во Македонија.

    Како што може да се види, пред една деценија, односно во учебната 2016/2017, имало позитивен тренд. Бројот на првачиња се зголемил од 21.746 на 23.266, или за 7 насто. Но, веќе во учебната 2017/2018 година тој број се загубил, затоа што имало намалување на првачиња за 6,9 насто.

    Под 20.000 првачиња првпат се евидентирале во учебната 2023/2024 година. Оттогаш имаме и константна негатива што кулминира годинава.

    СЕ ПРАЗНАТ КЛУПИТЕ И НА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ

    Ако правиме прогнози за работна сила за 4 или за 8 години, тогаш значаен податок е бројот на запишани ученици во средните училишта, а на првиот училиштен ден во клупите во прва година седнаа 16.932 ученици.

    Пред 10 години, пак, во училишните клупи имало 17.367 нови средношколци. За една деценија нивниот број се намалил за 432, што ни оддалеку не е драматично намалување како кај првачињата. Намалувањето е само 2,5 насто.

    Ако деценискиот тренд не е сам по себе аларм, тогаш податоците за оваа учебна година се сериозно предупредување. Бројот на новите средношколци е намален за 1.622, или за 8,7 насто во однос на минатата школска година.

    Во однос на претходните години, податоците откриваат и дека во учебната 2016/2017 имало големо намалување во однос на 2015/2016, кога имало 20.370 запишани ученици во средно училиште. Тогаш падот бил дури 14,7 насто! Од друга страна, во учебната 2017/2018 година имало значаен раст на запишаните средношколци во прва година, за 10,4 насто.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично