ПОВЕЌЕ

    Брисел доби шамар од Исланд – најлесниот кандидат ја одби ЕУ: Дали проширувањето ја губи привлечноста?

    Време зa читање: 4 минути

    Пораз со само пет проценти разлика во една мала островска држава на север од Европа успеа да го стресе целиот процес на проширување на Европската Унија. Исландскиот „не” на прашањето дали да се обноват преговорите за членство – 52,8 отсто наспроти 47,2 отсто – дојде како студен туш за Брисел, кој токму преку исклучително богатата скандинавска земја се надеваше да го „продаде” проширувањето и на своите граѓани скептични кон приемот на посиромашни кандидати како Црна Гора. Само неколку дена подоцна, министрите за европски прашања од земјите-членки и земјите-кандидатки се сретнаа во Даблин, во обид тој пораз да не стане и погребна плоча за амбициите на Унијата.

    Комесарката за проширување Марта Кос, соочена со прашања дали резултатот значи дека ЕУ станала помалку привлечна, во Даблин остана категорично одбранбена. Таа инсистираше дека тоа не е случај, потсетувајќи дека во процесот на проширување во последно време е постигнат значителен напредок – обид високите европски функционери отворено да го „свртат листот” по исландскиот шок и да ја задржат моменталната енергија околу процесот на проширување за преостанатите земји-кандидатки.

    Патот до неделниот референдум во Исланд беше сè друго само не мирен. Владата на премиерката Криструн Фростадотир референдумот директно го рамкираше како момент „сега или никогаш” – таа јасно предупреди дека „не” ќе значи трајно затворање на прашањето за членство. Кампањата „за” аргументираше дека влезот во Унијата би можел да ги ублажи високите каматни стапки и да понуди повеќе безбедност во свет разнишан од војната во Украина и реториката на американскиот претседател Доналд Трамп околу можно припојување на соседен Гренланд. Кампањата „против”, пак, тврдеше дека членството во ЕУ би ја загрозило исландскиот суверенитет и рибарската индустрија – сектор во кој дури 90 отсто од компаниите отворено се спротивставија на влезот во Унијата, и покрај обидите на Брисел да ги придобие преку помирувачки пристап.

    Токму рибарството, а не безбедносните аргументи, на крајот се покажа како пресудно за многу Исланѓани. „Ова е јасен неуспех за Брисел”, изјави еден европски дипломат за агенцијата Ројтерс, додавајќи дека прашањата на рибарството и независноста биле пресудни за исходот.

    Иронијата на ситуацијата е особено горчлива за европските стратези. Брисел се надеваше дека токму членството на Исланд – економски развиена, стабилна демократија – ќе послужи како пример за „позитивно проширување”, пример кој дополнително би им помогнал на скептичните земји-членки полесно да прифатат прием на понесигурни, посиромашни кандидати. Наместо тоа, ЕУ сега мора да ја брани приказната за проширувањето откако токму земјата за којашто мислеше дека ќе биде најлесен случај, го одби поканата.

    Во таа атмосфера на несигурност, во Даблин свое обраќање имаше и претставник на Северна Македонија. Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, во своето обраќање нагласи дека процесот на проширување мора да остане кредибилен, правичен и заснован на заслуги, потсетувајќи дека станува збор не само за политички избор, туку за геополитичка неопходност и инвестиција во безбедноста и стабилноста на континентот. Тој ја поздрави и идејата на комесарката Кос за поамбициозен модел на постепена интеграција, преку којшто земјите-кандидатки би можеле чекор по чекор да се вклучуваат во политиките и програмите на Унијата уште пред формалното членство.

    Средбата во Даблин, домаќин на којашто беше ирското претседателство со Советот на ЕУ, не се сведе само на дискусија за последиците од исландскиот вотум. На дневен ред се најде и предлог за реформа на проширената Унија и подобра интеграција на земјите-кандидатки, документ кој Европската комисија планира да го објави до крајот на месецов, а којшто ќе биде дискутиран на следниот самит на лидерите на ЕУ, закажан за 15 и 16 октомври. Отворена беше и дискусија за потенцијални механизми за заштита од демократско назадување кај идните земји-членки – идеја предложена од пет основачки земји на Унијата, извлечена директно од искуствата со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

    Целата ситуација остава Брисел во незавидна положба – треба истовремено да ги смирува сопствените земји-членки скептични кон проширувањето, да го одржи довербата кај земјите-кандидатки коишто со години чекаат на вратата на Унијата, и да најде начин исландскиот „не” да не се толкува како знак дека самата идеја за европска интеграција го губи својот сјај. Дали средбата во Даблин навистина ќе се покаже како повик за будење, или само уште еден чекор во долгата и честопати спора приказна на европското проширување, ќе стане појасно дури на октомвриската средба на лидерите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично