ПОВЕЌЕ

    Почна новата учебна година: Голем ден за 14.952 првачиња

    Време зa читање: 3 минути

    Денес почнува новата учебна 2026/2027 година. Во училишните клупи ќе седнат 238 илјади ученици – 174 илјади основци и 64 илјади средношколци. За првпат училишниот праг ќе го поминат 14.952 првачиња.

    Од Министерството за образование и наука велат дека учебниците се обезбедени за сите ученици, а годинава се набавени 622 илјади учебници. Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, за нивната набавка се остварени заштеди од 50 милиони денари во споредба со периодот пред таа да го преземе раководењето со МОН.

    Целосно нови учебници во полн тираж се обезбедени за прво, второ и трето одделение, каде што учебниците содржат и работни листови, како и за осмо одделение и втор клас во гимназиското образование, каде што се применуваат нови наставни програми.

    Новата учебна година носи и промени во организацијата на наставата. Во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти во основното и средното образование ќе се реализира едносменска настава. Според Јаневска, целта е учениците да имаат поголема концентрација на наставата, повеќе можности за социјализација и доволно време во училиштето за совладување на материјалот и стекнување соодветни вештини.

    Во моментов се прошируваат капацитетите на 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско, а во следните неколку месеци е најавен почеток на уште 15 проекти.

    Завршени се реконструкции во околу 20 училишни објекти и спортски сали, додека се градат и четири нови спортски сали. Паралелно, преку владината програма за капитални проекти во општините, во тек се 50 инвестиции за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и училишни базени.

    За учениците со посебни образовни потреби годинава се ангажирани 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. За учениците кои подолго време се на болничко или домашно лекување останува можноста да се вклучат онлајн во наставата со својот клас или наставникот индивидуално да работи со нив.

    Намалувањето на бројот на ученици го менува и изгледот на училишната мрежа. Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември привремено се затвораат 26 подрачни училишта, а вкупно во земјава има 148 празни училишни објекти, главно во руралните средини.

    Паралелно се оптимизираат и паралелките. Со спојување на малите паралелки, во новата учебна година ќе има 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование.

    Учебната година за сите ученици ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите, за кои наставата ќе заврши на 17 мај идната година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично