
Рударството останува еден од позначајните индустриски сектори во Македонија, но неговиот иден развој државата сака да го врзе за построг надзор, поголема безбедност и повеќе корист за општините во кои се експлоатираат минералните суровини. Во 2025 година од концесиски надоместоци се наплатени рекордни 1,22 милијарди денари, а паралелно се подготвуваат нови законски решенија и долгорочна стратегија за секторот.
Ова беа дел од главните пораки на одбележувањето на Денот на рударите – 28 Август, што го организираше Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во Скопје.
Во фокусот на настанот не беа само производството и извозот, туку и прашањето како треба да изгледа македонското рударство во следните години – со помалку простор за неодговорно работење, со повеќе инвестиции во технологија и безбедност и со поголема корист за локалното население.
Најсилната бројка што ја соопшти Министерството е наплатата на концесиските надоместоци. Во 2025 година државата инкасирала повеќе од 1,22 милијарди денари, што е највисок износ досега.
Трендот продолжува и во 2026 година. За шест месеци се наплатени речиси 574 милиони денари, што е повеќе од двојно во споредба со истиот период во 2024 година.
Министерката Сања Божиновска подобрата наплата ја поврза со засилените контроли, почестото следење на обврските на концесионерите и подобрувањето на системот за наплата.
Но, овие пари не завршуваат целосно во централниот буџет. Според законската распределба, 78 проценти од концесиските надоместоци им припаѓаат на општините каде што се врши експлоатацијата.
Тоа значи дека поголемиот дел од средствата треба да се вратат во локалната средина – преку патишта, водоводи, комунална инфраструктура, училишта, јавни услуги или проекти за заштита на животната средина.
„Рудникот не смее да биде изолиран остров на економска активност“, порача Божиновска, нагласувајќи дека рударската дејност треба да создава поширок економски ефект за регионот во кој работи.
Бројките покажуваат дека секторот и натаму има значајна тежина во домашната индустрија. Во текот на 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат.
Рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство, додека неговото учество во вкупниот македонски извоз изнесувало 2,8 проценти.
Сепак, пораката од Министерството е дека идниот развој не треба да се оценува само според количината произведена руда или извозните резултати. Безбедноста на работниците, влијанието врз животната средина и односот кон локалната заедница треба да станат подеднакво важни критериуми.
„Ниту еден тон произведена руда и ниту една инвестиција не вредат повеќе од човечкиот живот“, рече Божиновска.
По повеќе децении, Македонија добива и Стратегија за минерални суровини, која треба да постави долгорочни насоки за развој на секторот. Истовремено се подготвуваат нови законски решенија за рударството и геолошките истражувања.
Намерата е да се воведе попредвидлива регулатива, поголема транспарентност, посилен институционален надзор и повисоки еколошки стандарди.
Министерството најавува дека ќе продолжат и засилените контроли на концесионерите. Компаниите што вложуваат во безбедност, технологија, заштита на животната средина и развој на локалните заедници ќе имаат институционална поддршка, додека за прекршување на обврските се најавува построг пристап.
Еден од проблемите што сè почесто се појавува во рударството е недостигот од стручен кадар. На компаниите им се потребни инженери, геолози, техничари, оператори и експерти за животна средина, а интересот на младите за овие професии треба дополнително да се стимулира.
На настанот беше посочено дека компаниите, средните стручни училишта и универзитетите треба поинтензивно да соработуваат преку практична настава, стипендии и менторски програми.
Деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Ѓорѓи Димов, оцени дека иднината на секторот зависи од знаењето и технологијата. Според него, современото рударство треба да биде поефикасно, дигитализирано, побезбедно и со значително повисоки стандарди за заштита на животната средина.
Научниот соработник во МАНУ, Александар Дединец, пак, го постави прашањето за рударството во контекст на енергетската и зелената транзиција. Според него, дилемата повеќе не е дали рударството е потребно, туку каков модел на рударство може да биде одржлив и прифатлив за општеството и локалните заедници.
За промените во самиот сектор зборуваше и Катерина Новакова од САСА, која ја претстави перспективата на жените во рударството. Развојот на технологијата, механизацијата, автоматизацијата и дигитализацијата, како што беше посочено, отвора нови можности и за поголемо учество на жените во професии кои традиционално се сметале за претежно машки.
Од друга перспектива зборуваше Љубе Колев од Бучим, кој по долгогодишна работа годинава заминува во пензија. Тој посочи дека во споредба со минатото машините се подобрени, организацијата на работата е поинаква, а безбедноста има многу поголемо значење.
За него, успешна смена е онаа во која задачата е завршена, машината е оставена исправна, а сите работници се враќаат дома безбедно.
На свеченоста беа доделени и десет признанија за професионална посветеност и придонес во рударството.
Добитници се Драганчо Јованчов од САСА, Иво Ѓоргиевски од Тораница, Иван Цеков од Злетово, Љубе Колев од Бучим, Игор Наумоски од Мермерен комбинат АД Прилеп, Драганчо Ивановски од АД ЕСМ – РЕК Битола, Сеад Башевич од ФИМАР БАЛКАН, Фуат Таири од ЈЕФУТА ИНЖЕНЕРИНГ, Борче Блажески од КРИН КГ и Боби Трајковски од МИСА-МГ.
Од Министерството порачуваат дека рударството треба да остане значаен економски сектор, но со поинакви правила од минатото – повеќе контрола, повеќе технологија, повисоки безбедносни стандарди и поголема одговорност кон средините каде што се експлоатираат природните ресурси.
Во таа равенка, порача Божиновска, работникот мора да остане на прво место.
Аналитика








