ПОВЕЌЕ

    Како вештачката интелигенција може побрзо да покаже што се случува со македонскиот БДП

    Време зa читање: 3 минути

    Централните банки сè почесто бараат одговори надвор од традиционалните статистики. Вештачката интелигенција, машинското учење, климатските податоци и информациите од платежните системи стануваат нови алатки за побрзо следење на економијата и за носење подобри одлуки.

    Токму на овие теми беше посветена Тринаесеттата биенална конференција на Комитетот на Ирвинг Фишер за статистика на централните банки, одржана во Базел во организација на Банката за меѓународни порамнувања – БИС, на која учествуваа и претставници на Народната банка.

    Вицегувернерката Ана Митреска ја водеше сесијата „Нови и експериментални податоци“, на која беа претставени истражувања за користење нови извори на податоци при процената на климатските ризици, како и примена на алатки базирани на вештачка интелигенција за откривање на празнините во статистиките поврзани со климатските промени и одржливоста.

    Посебно внимание привлекува и македонскиот труд за примена на „Чет џи-пи-ти“ во прогнозирањето на домашната економија.

    Претставничката на Народната банка Даница Уневска Андонова го презентира трудот „Прогнозирање на македонскиот БДП со економски показател изведен преку „Чет џи-пи-ти“: докази од машинското учење“, изработен заедно со Магдалена Петровска, Неџати Куртиши и Елена Божиновска Стојчевска.

    Истражувањето покажува како алатките на вештачката интелигенција можат да се употребат за извлекување економски показатели од квалитативните одговори во анкетите за очекувањата за растот на БДП и инфлацијата.

    Така добиените информации потоа можат да се вклучат во модели на машинско учење, со цел економската активност во земјава да се проценува побрзо и попрецизно.

    Ова е особено важно за централните банки, бидејќи официјалните статистички податоци често пристигнуваат со временско задоцнување, додека одлуките за монетарната политика бараат што е можно поактуелна слика за состојбата во економијата.

    Конференцијата во Базел беше посветена токму на ваквите нови пристапи – од користење вештачка интелигенција за побрзо следење на инфлацијата и економската активност, до процена на климатските ризици за финансискиот систем и употреба на податоци од платежните системи за подобро разбирање на потрошувачката на домаќинствата.

    Во фокусот беше и прашањето како економските податоци да станат поквалитетни, подостапни и покорисни не само за носителите на политиките, туку и за пошироката јавност.

    Учеството на Народната банка на конференцијата на БИС покажува дека и домашната статистичка практика сè повеќе се насочува кон алатките што веќе го менуваат начинот на кој централните банки ја „читаат“ економијата – со повеќе податоци, побрзи анализи и поголема употреба на вештачка интелигенција.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично