ПОВЕЌЕ

    НАУКАТА ВЛЕГУВА ВО ПРОИЗВОДСТВОТО – НЈСК Холдинг и ФЗНХ во ново партнерство

    Време зa читање: 3 минути

    Науката, земјоделското производство и фармацевтската индустрија ќе се поврзуваат преку ново партнерство меѓу НЈСК Холдинг и Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје. Двете страни потпишаа Меморандум за соработка со кој се отвора простор за заеднички проекти, примена на современи технологии и поголемо вклучување на студентите и младите истражувачи во практичната работа.

    Соработката е насочена кон поврзување на академското знаење со реалните потреби на производството, а посебен акцент ќе биде ставен на развојот и примената на научно засновани методи во земјоделството.

    Еден од поконкретните сегменти на партнерството ќе биде одгледувањето и производството на медицински канабис. Фокусот ќе биде на квалитетот, безбедноста, одржливоста и усогласеноста со современите научни и производствени стандарди.

    Партнерството предвидува и поврзување на земјоделските науки со фармацијата и фармацевтската индустрија. На тој начин се отвора можност за истражувања и развој на нови производи и технологии – од примарното производство и контролата на суровините, преку нивната екстракција и преработка, до развој на стандарди за квалитет и нивна примена во фармацевтскиот сектор.

    „Нашата цел е преку заедничка синергија на академското знаење, научноистражувачката работа и практичното искуство да развиваме проекти и решенија кои ќе придонесат кон унапредување на земјоделското производство, примена на современи технологии и создавање нови можности за младите и идните професионалци“, изјави генералниот директор на НЈСК Холдинг, Сашо Стефаноски.

    Според него, партнерството треба да создаде простор и за развој на иновативни решенија што ќе ја поврзат земјоделската продукција со фармацевтската индустрија и ќе овозможат практична примена на научните сознанија.

    Деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Миле Маркоски, оцени дека Меморандумот е важен чекор во продлабочувањето на врската меѓу академската заедница и стопанството.

    Тој посочи дека улогата на високообразовните и научните институции е знаењето и научните достигнувања да ги поврзуваат со реалните предизвици во земјоделскиот сектор, а ваквите партнерства создаваат подобри услови за практична работа, размена на искуства и професионален развој на студентите и младите истражувачи.

    Со Меморандумот се поставува основа за долгорочна соработка меѓу НЈСК Холдинг и Факултетот за земјоделски науки и храна, со цел научните сознанија и новите технологии да добијат поголема практична примена во производството.

    Истовремено, партнерството треба да отвори нови можности за развој на кадри, иновации и повисоки производни стандарди во земјоделскиот и фармацевтскиот сектор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично