За да ги врзат почетокот и крајот на август, на просечно домаќинство му се потребни најмалку 68.675 денари. Според последната пресметка на ССМ, синдикалната минимална кошница е потешка за 177 денари во однос на јули и тогашните 68.498 денари.
Најголем дел од домашниот буџет повторно оди за храна и пијалаци – 25.032 денари, односно 36,4 отсто од вкупната кошница. Или, најосновната потреба „голта“ повеќе од една третина од потребните месечни средства.
Следен најголем трошок, и тоа во пресрет на новата учебна година, е образованието, со 7.192 денари и удел од 10,5 отсто. Нешто е понизок процентот (9,5 %) кај облеката и обувките, за што треба да се издвојат 6.511 денари. За режиските трошоци – станарина, вода, електрична енергија и греење се предвидени 6.379 денари.
Транспортот чини 5.175 денари месечно, додека за рекреација и култура се потребни 5.592 денари. За скромни нарачки и престој во ресторани и хотели се потребни 4.131 денар, а за комуникации 3.677 денари.
На дното на листата се здравствените трошоци со 1.196 денари и останатите стоки и услуги со 1.100 денари. За лична хигиена и одржување на хигиената во домот се пресметани 2.692 денари.
Минималната кошница е значително поскапа за семејствата кои немаат сопствен дом. Ако домаќинството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребниот месечен буџет во август достигнува 84.050 денари.
Разликата меѓу кошницата без и со трошок за кирија е 15.375 денари. Сума која за многу семејства претставува дополнителен голем месечен трошок. А, сето тоа треба да се обезбеди со месечни примања кои заостануваат зад синдикалната кошница и нејзините повеќе од 1.100 евра. Минималната плата инесува 26.046 или нешто над 420 евра. Последните податоци на Статистика за просечната плата се за мај, износот е 49.544 денари.
Аналитика








