ПОВЕЌЕ

    662 ВРАБОТЕНИ СЕ ГРИЖАТ ЗА СМЕСТЕНИТЕ ЛИЦА ВО СТАРСКИТЕ ДОМОВИ, колкави плати примаат?

    Време зa читање: 5 минути

    Одвај нешто над 27.000 денари била просечната нето-плата на вработените во домовите за стари лица минатата година. Оваа работа бара голема посветеност и знаење, а од негувателите и медицинските сестри зависи „судбината“ на тие што престојуваат во домовите. За нив, пак, не се плаќа малку – минимумот е 600 евра, а има и домови со цена од 1.000 евра. Сепак, како што веќе пишуваше Пари, гранката од 37 установи во оваа дејност имала профит од „само“ 346.000 евра, наспроти вкупниот приход од 9,2 милиони евра.

    Според анализата на „Пари“, изработена врз основа на податоци од „Бизнис Мрежа“, во целата дејност во 2025 година работеле 662 лица, наспроти 604 една година претходно. Просечната нето-плата се зголемила за 3.153 денари во однос на 2024 година. Со ланската плата, во просек секој вработен му донел по 30-ина илјади денари профит на газдата на годишно ниво.

    Извор: Бизнис мрежа

    ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ВРАБОТЕНИТЕ СЕ КОНЦЕНТРИРАНИ ВО 10 ФИРМИ

    Десетте најголеми приватни домови за стари лица 2025 година ја завршија со 399 вработени ‒ за 32 повеќе од претходната година ‒ додека просечните плати пораснаа кај девет од десетте најдобро платени установи.

    Кај десетте најголеми работодавачи се вработени 66 насто од сите вработени во дејноста. Тоа значи дека две третини од вработените се концентрирани во 10 од 37 фирми.

    Во домовите за стари лица се оставени речиси 10 милиони евра за една година, колкав е нивниот профит?

    Податоците покажуваат дека речиси сите ја прошириле својата екипа во текот на изминатата година: седум домови вработиле нови луѓе, само еден го намалил бројот на вработени, а два го задржале истиот состав како во 2024 година. Вкупно гледано, десетте најголеми работодавачи во секторот сега бројат 399 вработени, наспроти 367 вработени една година претходно ‒ зголемување од повеќе од 8 насто за една година.

    На врвот е „Хантерс лајф“ од Петровец, кој со 76 вработени е убедливо најголемиот работодавач меѓу приватните домови, откако во текот на 2025 година додал уште шестмина во својот тим, што претставува раст од 8,57 насто.

    Зад него се наоѓа „Опен харт“ од с. Попчево, Струмичко, со 45 вработени, кој е и единствениот дом меѓу најголемите што го намалил бројот на вработени, за 6,25 насто. Најдинамично вработување сепак се случувало на други места: „Дом Софија“ од Битола го зголемил тимот за една третина, од 27 на 36 вработени, „Резиденција Дабески“ од Ракотинци, Сопиште, има раст на бројот на вработени за 24,24 насто, а „Астреон“ од Радовиш за 20,59 насто. Ширењето на сместувачките капацитети повеќе не е само скопски феномен, туку се случува и во Битола, Струмица, Радовиш и Сопиште.

    Извор: Бизнис мрежа

    НАЈВИСОКА ПРОСЕЧНА ПЛАТА ИМА ВО ФИРМА ШТО Е ВО ЛИКВИДАЦИЈА

    Сликата кај платите на моменти е и парадоксална. На врвот од листата на највисоки просечни плати се наоѓа „Жана-С“ од Скопје, дом што е во ликвидација и во кој останал само еден вработен, па просечната плата е зголемена на 109.163 денари ‒ скок од дури 316 насто. Оваа бројка, се разбира, треба да се чита со резерва: таа е производ на гаснењето на дејноста и сведувањето на бројот на вработени на минимум, а не на вистинска политика на раст на платите. Меѓу домовите што реално работат, предводник е „Актив“ од Скопје со просечна плата од 36.311 денари и годишен скок од 77,09 насто, следен е „Хармонија“ со 34.735 и „Геронтос – М“ со 32.318 денари. Платите растат кај девет од десетте домови на оваа листа, а единствено „Вера“ бележи благо намалување од 3,98 насто.

    Извор: Бизнис мрежа

    Споредбата на двете листи открива неколку интересни совпаѓања. „Терзиева“, „Дом Софија“ и „Олимпија“ се појавуваат и меѓу најголемите работодавачи и меѓу најдобро платените домови, што покажува дека најголемите екипи истовремено се и меѓу подобро платените во секторот. Ако се исклучи статистичката аномалија на домот во ликвидација, просечната плата на врвот од листата се движи околу 32.000 денари ‒ ниво што веќе значително ги надминува просеците во голем дел од услужните дејности. А деталите раскажуваат свои приказни: „Опен харт“ од Струмичко го намалил бројот на вработени, но платите ги зголемил за дури 23,39 насто, што изгледа како да сака да ги задржи луѓето што останале, додека „Шелтер“ од Ракотинци тргнал во спротивна насока ‒ вработил нови луѓе, но бележи пад на платите од 10,63 насто.

    Збирно гледано, податоците цртаат слика на сектор во експанзија. Домовите за стари лица вработуваат повеќе и плаќаат повеќе, а како што расте потребата за сместувачка нега од година во година, така и конкуренцијата за кадар во оваа дејност само ќе се засилува ‒ што може дополнително да го засили и притисокот врз платите, кои, судејќи според податоците за 2025 година, веќе тргнаа по нагорна патека, но сè уште се на ниско ниво во однос на работата што ја вршат вработените.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично