ПОВЕЌЕ

    МОН на Меѓународниот ден на младите: Повеќе можности за младите, подобра иднина за државата

    Време зa читање: 2 минути

    Младите не се само иднината, туку и важен партнер во креирањето на образованието и политиките што директно го засегаат нивниот живот. Затоа, Министерството за образование и наука најавува дека ќе продолжи да ги вклучува нивните идеи и потреби во носењето одлуки и создавањето подобри услови за учење, развој и професионална реализација.

    По повод 12 август, Меѓународниот ден на младите, од МОН велат дека остануваат посветени на политики што ќе им овозможат на младите повеќе можности за образование, личен развој и градење кариера во сопствената земја:

    „Посветено работиме на јакнење на ученичкиот и студентскиот стандард преку мерки што обезбедуваат подобри услови за учење и поддршка за секој млад човек. Инвестираме во подобрување на образовната инфраструктура, дигитализација на образовниот процес, квалитетни наставни програми и учебници и создавање средина која ги поттикнува знаењето, иновативноста и креативноста, но и почитта, толеранцијата и единството“.

    Особено внимание, како што наведуваат од МОН, се посветува на талентираните ученици и студенти, со цел да добијат услови за развој на своите способности. Од минатата година, низа нови стимулативни мерки се дел од системот за поддршка на младите кои ја претставуваат државата на големи меѓународни натпревари.

    Во фокусот е и соработката со ученичките и студентските организации. Од Министерството велат дека нивните ставови, идеи и предлози се важен дел од процесот на креирање на образовните политики, при што дел од нивните барања веќе се преточени во конкретни мерки и активности.

    „Најдобрите политики се создаваат во заедништво со младите“, порачаа од МОН, додавајќи дека ваквиот партнерски пристап ќе продолжи и во иднина.

    Честит 12 Август – Меѓународен ден на младите!

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично