Вкупна добивка од 206,1 милион евра оствариле котираните компании на Македонската берза во првото полугодие од годинава. Заедничката добивка е за 7,75 насто подобра од ланската во истиот период, која изнесуваше 191,2 милиони евра. Разлики постојат и меѓу носителите на профитот.
Десет компании заработиле 180,3 милиони евра, што претставува дури 87,5 насто од вкупната нето–добивка. Само уделот на банките вреди 95,6 милиони евра.
Ако се гледаат само 63-те компании со позитивен финансиски резултат, нивната вкупна заработка достигнува 214,4 милиони евра. Притоа, десетте најпрофитабилни учествуваат со 84,1 насто. Останатите компании што работеле со добивка заедно оствариле околу 34,1 милион евра.
Вкупниот резултат ја претставува разликата меѓу износите на добивката (214,4 милиони евра) и на загубата (8,3 милиони евра). Во споредба со првата половина од минатата година, добивките се повисоки за 7,67 насто, а загубите за 7,8 насто.

БАНКАРСКИОТ СЕКТОР Е ПРОФИТЕН СТОЛБ
Најголемиот дел од профитот повторно доаѓа од банкарскиот сектор. Седумте котирани банки – Комерцијална банка, НЛБ банка, Алта банка Битола, Стопанска банка Скопје, ТТК банка, УНИ банка и Централна кооперативна банка – во првите шест месеци оствариле добивка од 95,6 милиони евра. Ова е убедливо најпрофитабилната дејност, и покрај годишниот пад од 10,99 насто, бидејќи во ланското полугодие имале заработка од 107,4 милиони евра.
Од профитот на седумте банки, 98 насто им припаѓа на трите најголеми: Комерцијална банка, НЛБ банка и Стопанска банка Скопје заедно заработиле 93,5 милиони евра.
Комерцијална банка останува најпрофитабилната котирана компанија со 45,9 милиони евра добивка, иако профитот ѝ е намален за 4,89 насто. НЛБ банка е втора со 28 милиони евра, со раст од 6,96 насто, додека Стопанска банка Скопје со 19,6 милиони евра бележи пад од 30,78 насто.
Пресврт има во трговијата со нафтени деривати. Макпетрол и Окта имаат остварување од 27,7 милиони евра, наспроти 11 милиони евра во истиот период лани. Растот се мери со 150,7 насто, а речиси целосно го носи Окта, чијашто добивка е проследена со скок од 448,12 насто.
Не е меѓу петте најпрофитабилни сектори, но адут на трговијата е најголемиот исчекор од 1.437,10 насто. Десетте трговски друштва во првото ланско полугодие имале остварување од 138,6 илјади евра, а во годинешново 2,1 милион евра.

РЕЧИСИ 9 ОД СЕКОИ 10 ЕВРА ПРОФИТ СЕ КАЈ ДЕСЕТ КОМПАНИИ
Листата на десетте најпрофитабилни друштва ја предводи Комерцијална банка со 45,9 милиони евра, пред НЛБ банка со 28 милиони и Македонски телеком со 20 милиони евра. Учеството на оваа тројка е со 93,9 милиони евра, односно речиси половина од вкупната нето-добивка на сите котирани компании.
Освен трите банки и телекомуникацискиот оператор, делови од добитниот мозаик имаат и трговците со горива, Алкалоид, Усје, Македонијатурист и Гранит. Со растот на добивката, покрај веќе споменатата Окта, се издвојуваат и претставниците на хотелско-угостителскиот (+ 142,89 %) и на градежниот сектор (+ 97,35 %).

ПОНИСКИ СУМИ – ПОВИСОК РАСТ
Меѓу компаниите со најголем процентуален раст на добивката има екстремни стапки, кои треба да се читаат во контекст на ниската споредбена основа.
Скопски пазар ја зголемил добивката за 2.080,35 насто, но од само 98,7 илјади евра на 2,1 милион евра. Стокопромет има раст од 1.214,29 насто, зад што стои движење од 114 евра на околу 1,5 илјади евра. Неметали Огражден ја зголемил добивката за 739,73 насто, од 23,2 илјади евра на 194,7 илјади евра.
Поинаква е позицијата на Окта, каде што растот од 448,12 насто е значаен и во апсолутен износ. Станува збор за зголемување на добивката за 15,7 милиони евра. Македонија осигурување – Виена Иншуренс Груп, пак, има раст од 386,90 насто, од 322,8 илјади евра на 1,6 милиони евра.

На Македонска берза котираат 90 друштва, од кои 6 се под долгорочна суспензија. Во првото полугодие со загуба работеле 20 компании, три помалку од истиот период лани.
Меѓутоа, намалувањето на нивниот број не значи и намалување на вкупниот негативен резултат. Напротив, вкупниот минус се зголемил од 7,8 милиони евра на 8,3 милиони евра.
М.А.
Аналитика








