ПОВЕЌЕ

    Со трактори во центарот на Струмица: Земјоделците бараат повисока откупна цена за куртовската капија

    Време зa читање: 2 минути

    Земјоделците од Струмичкиот регион со трактори и земјоделска механизација го блокираа центарот на Струмица, продолжувајќи го протестот поради ниската откупна цена на куртовската капија наменета за конзервната индустрија. Тие бараат повисока цена со која ќе можат да ги покријат производствените трошоци.

    Како што известува струмичкиот портал Дрнка.МК, земјоделците очекуваат конкретен резултат од средбата со министерот за земјоделство Борче Серафимовски, со кого вчера разговарале во Струмица.

    Според земјоделците, Серафимовски на средбата изразил подготвеност да ги поддржи нивните барања, но за цената ќе треба да разговара и со претставници на конзервно-преработувачките капацитети. Токму тие, според производителите, ја нудат актуелната откупна цена од 25 денари за килограм.

    „Вчера министерот ни вети дека ќе издејствува повисока откупна цена. Доколку не добиеме цена прифатлива со која ќе ги покриеме производствените трошоци, ние од вторник повторно излегуваме на протести и блокади“, изјавил Александар Грозданов, претставник на здружението „Млади Муртино“, пренесува порталот.

    Земјоделците протестираат трет ден и најавуваат продолжување на блокадите. Тие реагираат на тоа што мешаната прва и втора класа пиперки, која се пласира во фабриките, лани се откупувала по 35 до 40 денари за килограм, додека годинава понудената цена е 25 денари.

    Од Министерството за земјоделство по средбата со производителите и откупувачите соопштиле дека цените се резултат на пазарната економија, но дека Министерството ќе застане зад барањата на земјоделците.

    Министерот Серафимовски најавил и дополнителна средба со претставници на конзервно-преработувачките капацитети, а најавени се и засилени контроли од Државниот земјоделски инспекторат.

    (Фото: Дрнка.МК)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично