ПОВЕЌЕ

    Буџетските приходи пораснале за 9,3%, капиталните расходи повисоки за речиси 40%

    Време зa читање: 3 минути

    Вкупните приходи во државниот Буџет во првите седум месеци од 2026 година изнесуваат 204,553 милијарди денари, што претставува реализација од 53,9 отсто од годишниот план и раст од 9,3 отсто во споредба со истиот период минатата година.

    Според податоците за реализацијата на Буџетот заклучно со 31 јули, приходите од даноци достигнале 117,963 милијарди денари. Реализацијата кај оваа ставка изнесува 55,33 отсто од планот, а растот во однос на првите седум месеци од 2025 година е 10 отсто.

    Најголем раст кај данокот на добивка

    Кај даночните приходи, највисока реализација во однос на планираното е забележана кај данокот на добивка.

    Од овој данок во Буџетот биле собрани 16,687 милијарди денари, односно 62,8 отсто од планираниот износ. Во споредба со периодот јануари – јули 2025 година, приходите од данокот на добивка се зголемени за 20,6 отсто.

    Приходите од данокот на додадена вредност изнесуваат 53,026 милијарди денари, што претставува реализација од 56,78 отсто од планот. Во споредба со истиот период минатата година, приходите од ДДВ се повисоки за 13,4 отсто.

    Од данокот на личен доход биле собрани 20,925 милијарди денари, односно 53,93 отсто од планираното. Овие приходи се зголемени за 11,9 отсто на годишно ниво.

    Увозните давачки се реализирани во износ од 9,361 милијарда денари, што претставува 56,4 отсто од планот и раст од 10,3 отсто во споредба со првите седум месеци од 2025 година.

    На компаниите им се вратени 23,3 милијарди денари ДДВ

    Во периодот јануари – јули бил извршен поврат на ДДВ кон компаниите во вкупен износ од 23,333 милијарди денари.

    Повратот е за 3,5 отсто повисок во споредба со износот исплатен во истиот период минатата година.

    Како показател за движењата во економијата се наведува и растот на индустриското производство од 6,5 отсто во јуни, во споредба со истиот месец во 2025 година.

    Капиталните расходи повисоки за 39,6%

    На расходната страна, капиталните расходи во првите седум месеци изнесуваат 21,288 милијарди денари.

    Во споредба со реализацијата во истиот период минатата година, капиталните расходи се зголемени за 39,6 отсто.

    За поддршка на проекти на домашните компании, кон Развојната банка биле трансферирани и 717 милиони денари.

    Отплатени над 61 милијарда денари кон кредитори

    Во анализираниот период биле исплатени 49,351 милијарда денари обврски по основ на стари долгови на странскиот пазар.

    Дополнително, кон домашните кредитори биле отплатени 11,665 милијарди денари. Тоа значи дека вкупните исплати кон странските и домашните кредитори изнесуваат повеќе од 61 милијарда денари.

    Исплатени биле и обврзници по основ на денационализација во износ од 308 милиони денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично