
Компанијата „Шахтерм“ до крајот на годинава треба да започне со производство во Технолошко-индустриските развојни зони, откако градежните активности почнаа во мај минатата година.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, ја посети компанијата и изврши увид во текот на градежните работи. На средбата со менаџментот биле разгледани динамиката на реализацијата на проектот, активностите на локацијата и следните чекори до воспоставувањето на производствените капацитети.

Инвестицијата на „Шахтерм“ во првата фаза е предвидено да изнесува 25 милиони евра и да овозможи отворање 200 нови работни места. Долгорочниот план е вкупната вредност на инвестицијата да достигне 50 милиони евра, а бројот на вработени да надмине 500.

Димовски посочил дека ТИРЗ ќе продолжи да им обезбедува поддршка на компаниите што инвестираат во зоните, како и навремена комуникација во сите фази од реализацијата на проектите.
Според него, успешната реализација на инвестициите зависи од добрата координација, отворената комуникација и партнерскиот однос меѓу компаниите и институциите.
Генералниот менаџер на „Шахтерм“, Фарук Шахин, изразил благодарност за досегашната поддршка и соработката со Дирекцијата за ТИРЗ. Тој ја нагласил важноста на ефикасната координација со институциите во периодот на реализација на инвестицијата.
Аналитика








