ПОВЕЌЕ

    ДВЕ ЖРТВИ И 4.500 ХЕКТАРИ ЦРНИЛА: Крит ја пресметува цената на пожарот

    Време зa читање: 5 минути

    Во јужниот дел на Ретимно веќе нема активен огнен фронт, но опасноста не е завршена. Силните ветрови ги оживуваат жариштата, противпожарните летала остануваат приземјени, а зад пламените јазици остануваат уништени домови, маслинови насади, сточарски фарми и туристички места. Во меѓувреме, истрагата проверува дали сè почнало од електродистрибутивната мрежа.

    Крит вообичаено се продава преку фотографии од сино море, карпести заливи, палми и бели куќи. Но, во последните два дена сликата од јужниот брег на островот изгледаше сосема поинаку: плажи од кои луѓето беа извлекувани со бродови, села покриени со густ чад, огнени јазици покрај патиштата и стотици пожарникари кои се обидуваа да ја задржат линијата што ветерот постојано ја поместуваше.

    Според најновите информации од Крит, претпладнево нема активен фронт на големиот пожар во јужен Ретимно. Но, тоа сè уште не значи дека огнот е целосно изгаснат. Пожарникарите се распоредени по целата опожарена област и се справуваат со бројни разгорувања, додека ветерот останува главната закана. Во местото Мариу утрово биле измерени налети од 108 километри на час.

    Пожарот избувнал во средата, на 29 јули, околу 14:30 часот, во близина на Криа Вриси, во општината Агиос Василиос. Поттикнат од многу силниот северен ветер, огнот брзо се проширил кон населени места и туристички локации на јужниот брег, меѓу кои Агиос Павлос, Триопетра, Орне, Агиа Галини, Сахтурија и пошироката област на Превели.

    Она што почнало како пожар во ниска вегетација, за кратко време прераснало во фронт долг повеќе од 15 километри. Силниот ветер не само што го туркал огнот кон нови области, туку создавал густ чад, слаба видливост и турбуленции поради кои противпожарните авиони и хеликоптери во одредени периоди не можеле безбедно да дејствуваат. Грчката противпожарна служба соопшти дека на Крит биле регистрирани налети и над 100 километри на час.

    На терен во поширокиот регион на Ретимно се ангажирани 296 пожарникари, 15 специјализирани пешадиски групи за шумски пожари и 66 противпожарни возила. Само во реонот на Криа Вриси дејствувале 224 пожарникари, 11 пешадиски групи и 53 возила.

    Најтешкиот биланс од пожарот не се мери во хектари, туку во човечки животи. Двајца грчки пожарникари загинаа откако биле заробени меѓу огнените фронтови во близина на Криа Вриси. Уште двајца пожарникари биле полесно повредени, додека трет пожарникар загинал во одделен пожар на Пелопонез.

    Трагедијата на Крит ја пренесоа и најголемите светски медиуми. „Ројтерс“ објави дека пожарникарите биле заробени додека се движеле меѓу два фронта, во услови во кои огнот ја менувал насоката поради силниот ветер.

    Околу 8.000 жители и туристи биле евакуирани од загрозените области, според процената на регионалните власти. Дел од нив биле изнесени со автобуси и автомобили, но до некои плажи и крајбрежни места патиштата веќе не биле безбедни.

    Во Превели, крајбрежната служба со помош на две приватни пловила извлекла 59 лица од плажата. Операцијата се одвивала при ветер со сила од осум бофори, а евакуираните биле пренесени во пристаништето во Агиа Галини. Други жители и туристи биле извлекувани по море и од Агиос Павлос и Триопетра.

    Околу 700 евакуирани лица биле сместени во спортска сала во Мири, каде што биле обезбедени кревети, храна и основни потреби. За останатите биле активирани хотелски капацитети во безбедните делови на островот.

    Првичната процена е дека пожарот зафатил најмалку 45.000 стреми, што одговара на околу 4.500 хектари. Конечната површина допрва треба да биде утврдена, поради што грчките власти ја активираа европската служба „Коперник“ за сателитско мапирање на опожарените области.

    Сепак, вистинската штета нема да се гледа само на сателитските снимки. Огнот погодил куќи, деловни објекти, магацини, сточарски фарми, пасишта, маслинови насади и други земјоделски култури. Локалните медиуми јавуваат за загинат добиток и за домаќинства на кои огнот за неколку часа им го уништил она што го создавале со години.

    Пожарот минал низ најмалку 17 населени и туристички области во јужен Ретимно.

    Пламените јазици стигнале и до пошироката област на прочуената палмова шума и плажата Превели – едно од најпрепознатливите природни места на Крит. Првичните информации покажуваат дека шумата не е уништена, иако одделни делови од екосистемот биле погодени.

    Локалните научници проценуваат дека штетата не е споредлива со пожарот од 2010 година и дека палмовата шума има способност природно да се обновува. Целосната слика, сепак, ќе биде позната дури по деталните теренски проверки.

    Додека пожарникарите ги гаснат последните жаришта, истражителите ја бараат почетната искра.

    Грчките власти го уапсиле одговорното лице за функционирањето на мрежата на ДЕДДИЕ во Ретимно – операторот на електродистрибутивната мрежа. Според досегашните информации од истрагата, се проверува можноста проводници на среднонапонска мрежа силно да се нишале под ударите на ветерот, при што настанале искри.

    Тоа засега е предмет на истрага, а не конечно утврдена причина за пожарот. Уапсениот треба да биде изведен пред обвинител, додека надлежните служби продолжуваат да ги утврдуваат точните околности.

    Целиот Крит денес е во четвртата, односно „многу висока“ категорија на опасност од пожари. Поради силните ветрови, грчкиот механизам за цивилна заштита е ставен во максимална оперативна готовност. Во такви услови и мало жариште може за кратко време повторно да прерасне во голем пожар.

    Затоа, веста дека во моментов нема голем активен фронт носи олеснување, но не и крај на опасноста. На Крит започнува потешкиот дел: пребројувањето на уништените домови, насади и фарми, процената на еколошката штета и враќањето на луѓето во места во кои огнот ја избришал границата меѓу туристичката разгледница и природната катастрофа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично