Македонските приватни пензиски фондови денес управуваат со околу 3,4 милијарди евра, а повеќе од една милијарда евра од таа сума е заработена преку приноси, односно претставува дополнителна вредност заштедена за идните пензионери. По повеќе од две децении функционирање на вториот пензиски столб, пензиските друштва велат дека системот не само што ги зачувал уплатените средства, туку успеал и значително да ги зголеми.
Според податоците презентирани од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ), заклучно со 30 јуни 2026 година во задолжителните пензиски фондови членуваат 637.977 осигуреници, додека просечниот годишен принос изнесува над 5,5 проценти.
„Во изминатите 20 години од приносите се реализирала една милијарда евра додадена вредност, која е распределена на индивидуалните сметки на членовите“, изјави Весна Стојановска, заменик-претседателка на АДПФ, додавајќи дека обврската на приватните пензиски фондови е долгорочна – во период од 30 години да ја зачуваат реалната вредност на средствата и да обезбедат дополнителен принос, што, според неа, е остварено со резултати споредливи со развиените западноевропски пензиски системи.
Од Асоцијацијата нагласуваат дека вториот пензиски столб денес претставува стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење, чија основна цел не е брза заработка, туку постепено зголемување на средствата и обезбедување поголема финансиска сигурност за идните пензионери. Според нив, остварениот просечен годишен принос од над 5,5 проценти е споредлив со приносите на пензиските фондови во повеќе европски земји со сличен модел на инвестирање.
Темата повторно се отвори по изјавите на претставници на владејачкото мнозинство, кои сметаат дека вториот столб не ги оправдал очекувањата и во догледно време идните пензионери масовно ќе се префрлаат во првиот столб.
„Идните пензии зависат од должината на остварениот стаж, од времето поминато во осигурување и од висината на основицата, односно на просечната плата на којашто биле пријавувани осигурениците во рамките на целиот работен век. Односно од личното учество на секој осигуреник. Инаку, вториот столб е надополнување на првиот и претставуваат систем“, вели претседателот на АДПФ, Марјан Николовски.
Николовски потсети дека средствата на индивидуалните сметки се личен имот на осигурениците и, за разлика од придонесите во првиот столб, можат да се наследуваат. Секој член во секое време има увид во својата пензиска заштеда преку таканаречениот „Зелен плик“ и преку личниот електронски профил.
По прашањата дали државата би можела да ги национализира средствата од вториот столб, од пензиските друштва тврдат дека таков потег не би донел трајно решение за пензискиот систем. Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, предупреди дека средствата би се потрошиле релативно брзо доколку се префрлат во државниот Фонд за ПИОМ.
„Анализите што ги направивме покажуваат дека национализацијата не би обезбедила долгорочна стабилност. Ликвидните средства би го покриле буџетскиот дефицит за помалку од две години, а дури и со целосно активирање на портфолиото ефектот би бил ограничен на околу три години“, рече Станковиќ.
Меѓународните искуства не ја потврдуваат национализацијата како успешно решение.
„Соодносот меѓу вработените и пензионерите е околу 1,6 спрема 1 и демографските притисоци ќе растат. Нашата цел е да го подобриме функционирањето на вториот столб, а не да се враќаме назад“, изјави Николовски.
Пензиските друштва сметаат дека следната фаза од реформите треба да вклучи воведување мултифондови, поголема слобода при инвестирањето преку промена на законските лимити и проширување на листата на дозволени финансиски инструменти, како и посилно развивање на доброволното пензиско осигурување.
Татјана Бојковска, секретар на АДПФ, посочи дека ваквиот модел веќе дава резултати во регионот.
„Искуството од Хрватска покажува дека портфолијата за помладите членови оствариле принос од 8,49 проценти. Поголемата изложеност кон вложувања со повисок принос во раната фаза може значително да ја зголеми идната пензија“, рече Бојковска.
Исто така, таа нагласи дека вториот столб веќе располага со значителни средства и стабилни долгорочни резултати, но дека без модернизирање на инвестициските правила и воведување мултифондови ќе биде потешко да се постигнат уште повисоки приноси за идните пензионери.
Системот сè уште е во рана фаза на исплата на пензии. Според МАПАС, на крајот на јуни 147 лица примале пензија од вториот столб, со просечна месечна исплата од околу 161 евро. Кај најголемиот дел од нив средствата од вториот столб се користат како дополнување за обезбедување на минималната пензија.
Од МАПАС објаснуваат дека тоа е очекувано, бидејќи вториот столб функционира од 2006 година и сè уште не е достигнат периодот кога најголемиот број членови ќе имаат полн стаж и долг период на капитализација.
Пораката од пензиските друштва е јасна – вториот столб не треба да се укинува, туку да се модернизира. Наместо национализација, која според нив би обезбедила само краткорочен ефект врз буџетот, решението го гледаат во реформи што ќе овозможат повисоки приноси и повисоки пензии за идните генерации.
Аналитика








